Оскар за Мицкоски

Како што се приближува 21 јуни, така и денот станува се подолг. Со тоа, се станува повидливо, но, и hotty hot: жешко. Фактички, идеите и намерите на Мицко Војвода и неговата дружина го видоа светлото на денот. Сега, се е појасно и поочигледно.

Откако не ОТЕЧЕ со тотално глупавите и лажни приказни за изгубен идентитет, јазик, делење на државата, итн итн, еве дојде времето кога ја има можноста директно да учествува во креирањето на политиките и (сето тоа да го спречи, ха, ха!). Поточно, има уникатна можност за конретно да допринесе кон придвижување на државата кон подобра иднина – или, иднина која тој ја посакува.

Но, сепак, изгледа дека, неспремен го начекаа?! Ковачевски и Ахмети ја подигнаа завесата, рефлекторите се запалени, публиката внимателно ги следи актерите…а Мицко, сирот, ги измешал текстовите. Гестот, пак на оваа нова генерација во ДУИ, сугерира дека се сериозен политички фактор и со јасна визија за создавање на една подобра држава во која ќе им се овозможи на сите граѓани подобар и поквалитетен живот. И, ИЗВИНЕТЕ лајачи, ама ова не смее да биде занемарено, без разлика на партиското бреме кое си го носат. Значи, Премиерот нуди братска делба на власта, ДУИ го отстапува своето место во владата, и се само да се удоволат сите барања на вмровците; кои при тоа немаат никакви забелешки за уставната иницијатива; и сите фактори во државата и вон неа јасно ја изнесуваат својата желба и определба за европска Македонија, покажуваат зрелост која е над тесно партиските интереси; само ВМРО уште се фемка. Егзибиционисти како Левица не коментирам.

Со други зборови, треба да разбереме , дека овие од погоре, му помогнаа на Човеков, и го извадија од ќошот во кој самиот се напика. Се за државата, па дури и ова: да му помогнете на својот најдеструктивен политички опонент, да му помогнете да се одглави од сопствената кал, само за да овозможите напредок земјата.

Па другарчиња, кој што сака нека каже сега, ама овој смут беше политички бравуозен. И тој сега, баш сега, кога ја има шансата за генерална проба и можност да ја демонстрира својата “до вчера мистериозна визија” во кој правец тој мисли дека треба да се движи државата, нему му смета ланскиот снег.

А бе ајде!

Човече боже, аман опрај се, не е срамота да паднеш; срамота е да не станеш!  A сега имаш шанса, не само да станеш, туку да се исправиш како феникс, и замисли, со учество во Владата можеш и многу повеќе. Замисли само – што све можеш – Војводо … ееее широко ти поле…

Но, со ваквото последно препелкање, Мицковски, типично и репетитивно, пак и пак, ја манифестира својата безидејност и немањето капацитет да се справи со себе, со околината, со вистината, со партијата, со земјата, со предизвиците кои ги имаме како држава членка на НАТО и аспиранти за влез во ЕУ. Многу тажно. Или, можеби грешам, па тој можеби има сосема друг план – кој никако да го чуеме и видиме, а според кој треба сите да се преселиме во сосем спротивен правец и да живееме на некој пуст “источен” остров што го нема на картата на демократскиот свет. Таму, ете, тој би можел да владее, на начин како што знае и умее ВМРО-ДПМНЕ; еднопартиски и авторитарно, што впрочем го видовме и доживеавме пред не толку долго време од кое уште неможеме да се оправиме со оглед дека ни се влечат како опашки разни судски процеси и прљави работи кои се уште смрдат и мноогу тешко се ветреат.

Но, набитното е тоа што на сцена е поставена трагедија во која НАЈГОЛЕМАТА ПАРТИЈА ИМА НАЈМАЛ СЕНЗИБИЛИТЕТ за тоа што е добро, а што лошо за државата!

Таа партија не може и не сака да препознае кои се нашите пријатели и сојузници, и обратно – кои тоа не се! Ниту гледа каде се наоѓаме, што се случува во околината и глобално , и што се очекува од нас во овие предизвикувачки времиња. Сигурна сум дека во редовите на ДПМНЕ, па дури и помеѓу блиските соработници на разоружаниот Мицко има луѓе на кои се им е јасно како бел ден, но, кои од некои само за нив познати причини – сеуште молчат… А тоа, повторно укажува на демократскиот дефицит на оваа партија. Но, ако сега не се огласат токму тие, подобра и поопштокорисна можност, ми се чини дека нема ни да имаат!

Океј е дечки и девојки, со вас сме, не се плашете! Охрабрете се, затоа што ништо не губите, само може да добиете и вие и земјава. Искрено, се уште верувам дека можеме да дојдеме до толку потребниот национален консензус за ЕУ.

А Мицко, ти сега бирај дали ќе се номинираш за Златна Малина т.е. најлоша улога или за Оскар и најдобрата улога што си ја одиграл EVER!

Ана Чупеска

 

Back to top button
Close