Османи: 350 000 евра месечно од буџетот на Чаир завршуваат кај партиски активисти на ВЛЕН

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, го осудува, како што го нарече, „масовниот систем за извлекување пари од буџетот на општината преку фиктивни договори и злоупотреби“.
Османи истакна дека буџетот на општината е ограничен, при што 67 отсто од него одат за плати, а остатокот се користи за фиктивни договори.
„Во јули имало 720 договори, фиктивни работни ангажмани за лица кои седат дома и пишуваат статуси против мене и вас, против нашата кауза. Тоа чини 350 000 евра месечно од парите на граѓаните, од вашите даноци“,рече Османи на вчерашната средба со граѓани.
Тој повика граѓаните да проверат на платформата „Отворени финансии“ (Open Finance), официјална алатка на Министерството за финансии, поддржана од Американската амбасада, каде јасно се гледа како се троши јавниот буџет.
„Формирале нова партија, а ние треба да им ги плаќаме активистите? Да им ги плаќаме и кафето и рестораните со наши пари? Ова е недозволиво“,рече Османи.
Според него, во делови од Серава или во Дижонска, со тие 350 000 евра секој месец може да се направи по еден сериозен проект.
Османи додава дека тие 720 лица може да се ангажираат за одржување на хигиената во општината.
„Ако тие 720 луѓе барем излегуваа да го чистат Чаир, денес немаше да биде најзагадената општина во Скопје“,рече Османи.
На средбата со граѓаните, Османи рече дека ваквото трошење на буџетски пари е неморално.
„Секој денар од буџетот е аманет. Секој злоупотребен денар е арам што го внесуваш во својот дом и ги храниш своите деца“,додаде тој.