Османи ја откажа посетата на Брунеи „по терористичките напади врз виталната инфраструктура на Косово“

Претседателката на Косово, Вјоса Османи ја откажа државната посета на Брунеи, „по терористичките напади врз виталната инфраструктура на Република Косово“, како што го оцени синоќешниот напад со експлозив врз водоводниот канал Ибар-Лепенец кај Зубин поток и претходните напади со рачни бомби врз полициската станица и општинската зграда во Звечан, во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Патувањето на косовската претседателка било закажано за утрово.

Во соопштението на косовското Претседателство се наведува дека оваа одлука е донесена „по внимателно разгледување на тековната безбедносна состојба и потребата од координација со сите институции во земјата за да се гарантира безбедноста на сите граѓани на Косово“.

„Во денешниот телефонски разговор, претседателката Османи го информираше неговото височество, султанот Хаџи Хасанал Болкиах за актуелните безбедносни случувања во земјата и договорено е планираната посета да се реализира во блиска иднина и во соодветно време за двете страни“, се наведува во соопштението.

Советот за безбедност на Косово во раните утрински часови одржа вонредна седница.

Во соопштението објавено од Владата се наведува дека СБ наложил дополнителни мерки за зајакнување на безбедноста околу критичните објекти и услуги, како што се мостови, трафостаници, антени, езера, канали и слично, а косовската полиција и Косовските безбедносни сили ќе се активираат на терен за оваа намена.

„Исто така, интензивирана е меѓуинституционалната и меѓународната соработка со цел да се спречат слични напади во иднина“, се истакнува во соопштението.

Back to top button
Close