Османи ја разреши претседателката на ЦИК на Косово, Ваљдете Дака

Косовската претседателка Вјоса Османи ја разреши попладнево претседателката на Централната изборна комисија на Косово (ЦИК), Ваљдете Дака, откако порано денеска беше објавено дека побарала оставка од неа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во образложението на одлуката на Османи, кое го пренесоа косовските медиуми, се вели дека Дака, иако има одговорност за зачувување на непристрасноста на ЦИК, „со нејзините дејствија, посебно за време на предвремените избори од 14 февруари, ја наруши независноста“ на таа институција.

– Претседателката во многу случаи не успеа да биде независна сила во однос на политичките поларизации, оневозможувајќи го со тоа потребниот баланс во тој орган. Фактички, во некои случаи, однесувањето на претседателката е исто со она на некои претствници на политичките партии во ЦИК. Следствено, претседателката, било со дејствување или со недејствување, придонесе за ескалација на ситуцијата на седниците на тој орган, се вели во одлуката што ја сподели кабинетот на претседателката на државата.

Според Османи, одлуките на Дака „само ја намалија довербата во ЦИК, а беа и во спротивност со Уставот“.

Приштинските медиуми објавија денеска дека Османи побарала од челничката на ЦИК оставка, недолго пред наредните локалните избори во земјата, кои треба да се одржат оваа есен, а за возврат ѝ понудила државно признание.

Неименувани извори информираа дека Дака ја одбила понудата на Османи, решена да го заврши до крај својот втор мандат и порачувајќи дека ја врши задачата во согласност Уставот и законите на Косово.

Back to top button
Close