Османи: Ахмети по грешка ја спомена Телма, мислеше на друга телевизија

Телевизија Телма била по грешка спомената во изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во која тој пред извесно време порача оти телевизиите Алфа и Телма се „непријатели на Албанците“.

Ова денеска во одговор на новинарско прашање го изјави шефот на дипломатијата и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, кој кажа дека делот од изјавата на првиот интегративец, каде што тој ја спомнува Телма, била лапсус поради тоа што, како што нагласи Османи, Ахмети воопшто не ги гледа контактните емисии на оваа телевизија.

„Телма била погрешно спомната зашто Али Ахмети не ги гледа контактните емисии на Телма. Ги гледа на две други телевизии, на Алфа и на една друга телевизија“рече Османи, но не кажа за која телевизија станува збор.

На контактните емисии на тие телевизии, како што посочи Османи, лидерот на ДУИ забележал дека има многу јавувања од граѓани кои зборуваат против Албанците и ДУИ, велејќи дека таквите ставови и говор на омраза граѓаните ги формирале под влијание на политиката.

„Пораката беше до политиката. Ви кажувам во име на господинот Ахмети дека медиумите ги спомнал како простор каде што забележал одреден феномен којшто не е поврзан со медиумите. Медиумите беа споменати чисто во контекст каде што го забележал тој феномен. Телевизиите воопшто не биле спомнати како уредувачка политика и како цел на критика. Тоа е исто како јас да кажам ‘на Телма слушнав коментар на Мицкоски и ја критикувам таа изјава’. Тоа не значи дека ја критикувам телевизијата туку кажувам каде сум забележал одреден феномен. Тоа беше случајот“додаде Османи.

Прашан дали барем лидерот на ДУИ ќе ѝ се извини на телевизија Телма оти во изјавата ја нарече „Телма-мелма“, Османи вели дека одговор за тоа треба да се бара директно од него.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на партиската трибина во Гостивар на 15 јануари во својот говор ги спомена телевизиите Алфа и Телма посочувајќи ги како „непријатели на Албанците“.

По ова, од Демократската унија за интеграција (ДУИ) испратија соопштение во кое објаснија дека лидерот Ахмети не спомнал непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните.

Back to top button
Close