Османи: Ако до ноември не ги усвоиме уставните измени ќе се соочиме со неизвесност во евроинтеграциите

Ако до ноември не ги усвоиме уставните измени ќе се соочиме со одлагање на евроинтеграцијата ќе влеземе во нова неизвесност заради тоа што ќе го испуштиме актуелниот момент кога заради војната во Украина и ризиците што доаѓаат од Русија, Европската Унија гледа на проширувањето како на инструмент за долгорочна европска безбедност, вели за порталот Рацин.мк министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тоа е временската рамка, вели Османи, во којашто овој нов предизвик за Северна Македонија треба да се реализира без да предизвика долгорочни последици за иднината на земјата.

Министерот за надворешни работи Бујар Осмени вели дека првиот сериозен и значаен чекор е веќе направен: Консолидирано е владеачкото мнозинство во Собранието.

– Иако во бројки не изгледа суштински многу повеќе, од аспект на убедување за европскиот пат е сериозно консолидирано и со комплетирањето на реконструкцијата на владата со новите министри и заменици, веќе може да се продолжи со важните чекори за процесот на евроинтеграцијата – вели Османи за нашиот портал

Претходно вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече е многу важно сите политички субјекти кои што го поддржуваат европскиот пат искрено да застанат на една страна.

– Тоа не е европски фронт против никого, тоа е европски фронт за обезбедување на нашата европска иднина. Владината коалиција има агенда, има кауза и работи на нивно спроведување – напиша Маричиќ на социјалните мрежи кога во Собранието помина новото владеачко мнозинство.

Нашите соговорници информираат дека ако може да се зборува за некакви рокови целиот процес треба да заврши во ноември, декември, односно до крајот на оваа година. Ако искуството покажало дека спроведувањето на уставните амандмани во просек одзема три до шест месеци, во зависност од тоа каква динамика ќе се наметне, тоа значи дека некаде пред летото ние би требало да влеземе во формална процедура во Собранието проследено со паралелна широка јавна расправа за предложените уставни измени.

– Предвидени се многу јавни дебати штом Владата ќе ги предложи драфт амандманите. Очекуваме мислења на експертската, на политичката јавност, вклучување на граѓанскиот сектор во таа дебата за формулациите на амандманите, иако се работи само за формални измени со коишто само после зборот „итн“, „и така натаму“ во преамбулата на Уставот ќе се додадат „црногорска заедница“, „хрватска заедница“, „бугарска заедница“, „еврејска заедница“ ако има таква и други барања. Овие измени во суштинска смисла не загрозуваат ничие право, ничиј интерес и само уште повеќе ја збогатуваат сликата на нашата држава како мултиетничка заедница – вели за Рацин.мк министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Back to top button
Close