Османи: Барањето да се тргне балансерот е чиста албанофобија

Барањето да се тргне балансерот е чиста албанофобија и обид да се одмазди еднаквоста која се постигнува во државата, смета претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи. Алатката наречена балансер, со која се одредува од која етничка заедница треба да бидат идните кандидати при оглас за вработување во јавните институции, како што рече Османи во интервјуто за Телевизија Телма, е најдоброто нешто што ни се случило.

„Балансерот е еден од суштинските инструменти на Рамковниот договор, бидејќи Уставот вели дека демографската реалност треба да се претстави во јавните институции. Процесот на интегрирање на Албанците во институциите требаше да се одвива со процесот на Македонците во текот на 75 години. Албанците беа исклучени од тој процес. Во 2002 година беа само 0,2 проценти во државните и јавните институции. И ние, процес што требаше да трае 75 години, го компензиравме за 25 години“, рече Османи.

До 2012, 2013 година немаше балансер зашто, како што додаде Османи, немаше политичка волја.

„Таму каде што имаше директор или министер Македонец, правичната застапеност остана на нула. Таму каде што имаше Албанец, се претеруваше. Такво беше општеството, сè уште несозреано за инклузивност. И балансерот воведе ред на двете страни. И Македонците ги задолжи да бидат правични и на Албанците им даде некакви параметри да бидат правични“, додаде кандидатот на ДУИ за шеф на државата.

Back to top button
Close