Османи – Борел: Членството на регионот во ЕУ е суштинска, безбедносна, политичка и економска додадена вредност за Унијата

Посетата на потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на Скопје е навремена и конкретен знак на нашето силно партнерство, но и координација во справувањето со последиците од руската агресија врз Украина и манифестација на силната поддршка за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ и на целиот регион, оцени министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната средба со шефот на дипломатијата на Унијата.

Како што соопшти МНР, соговорниците се согласија дека воениот конфликт во Украина претставува силна повреда на основните принципи на меѓународното право, сериозен удар врз демократскиот поредок, како и сериозен удар врз безбедносната архитектура на Европа и со тоа реална закана за светскиот мир, безбедност и стабилност, како и импликациите што може да ги има врз земјите од Западниот Балкан.

– Верувам дека ова се историски времиња кои бараат цврсти и навремени одлуки, но и единство во дејствувањето на целата ЕУ и нејзините земји членки. Нашиот закочен процес на интеграција во ЕУ е извор на системска ранливост, кој надворешните актери лесно и вешто го користат во нивните активности. Затоа, нема простор за двоумење кон оние земји кои спремно се придржуваат до заедничките европски вредности, принципи и стандарди. Ваквата состојба е императив земјите членки на ЕУ да направат заеднички напори, да изградат консензус и да донесат одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Членството на регионот во ЕУ е суштинска безбедносна, политичка и економска додадена вредност за Унијата, истакна Османи.

Османи и Борел заклучија дека само на овој начин Европската Унија ќе ја зајакне својата стратешка улога во надворешната и безбедносната политика и ќе го преземе своето стратешко водство, а продолжувањето на политиката на проширување е важно за „безбедноста и единството на целиот континент и силата на евроатлантскиот сојуз“.

Од страна на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел е поздравена целосната усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како потврда за нашата неприкосновена евроатлантска определба, додаваат од МНР.

Back to top button
Close