Османи: Бучкоски не е замена за испразнетото амбасадорско место во Софија, туку дополнителен канал за комуникација

Решението со Бугарија е во Договорот за добрососедство, а кога двете страни ќе се уверат дека решението е во Договорот мислам дека се друго ќе дојде на свое место. Преку создавање акциски план договорот ќе има предвидливост, со цел да се испорача. Никој не бега од обврските од Договорот, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на прес-конференција по потпишувањето на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка со британската амбасадорка Рејчел Галовеј меѓу Велика Британија и Северна Македонија.

Според Османи, целта е да се врати довербата во процесот, да се создаде предвидливост во Договорот, со што ќе се создаде чувство дека Договорот се имплементира со добра волја меѓу двете држави за да се надминат различните толкувања и да се најдат точки на зближување и на заедничко одбележување на историски настани и фигури.

-Очигледно таа предвидливост е изгубена, но факт е дека постои недоверба во процесот, постои и непредвидливост во процесот. Имаше два пристапа, едниот е да го отфрлиме договорот или да се вратиме во ситуација без рамка за нашите односи или, пак, да разговараме за друг договор. Договорот е решението, тој е формула за успех и треба а се вратиме на него, на рамката. Но, што треба да направиме? Да создадеме предвидливост, да создадеме механизам. Ако тој механизам е акциски план, на пример во Договорот пишува дека земјите ќе го унапредат инфраструктурното поврзување. Ако за тоа нема еден акциски план што вели во 2021 ќе се направи оваа делница, ќе се направи овој дел од патот, ќе се потпише овој договор за соработка или, пак, земјите ќе ги унапредат односите во образованието и културата. Што значи тоа ако нема еден патоказ што ќе создаде доверба дека има предвидливост во чекорите и дека некој тоа го следи. Тоа го правиме со овие патокази и со овие акциски планови и со назначување на координатор на тие акциски планови кој некој сака да го претстави како преговарач. Не, координатор на акциски планови со цел да се олесни комуникацијата и да се врати довербата во процесот, вели Османи.

Оценува оти е поголема штета да се дозволи да исчезне довербата во Договорот, бидејќи ако тој се изгуби, како што посочи, би се вратиле во ситуација на односи без рамка, а тие ги имавме 30 години и видовме какви беа резултатите.

-Затоа инсистирам на тоа дека Договорот е решението, да се вратиме на Договорот, да го спасиме Договорот, да создадеме предвидливост – акциски план, чекори, координатор, следење со цел да се испорача. Никој не бега од обврските од Договорот. Наше е да изградиме доверба еден кон друг дека не бегаме, дека пандемијата го имаше својот ефект во намалување на таа динамика, изборите и овде и таму, но сега ја враќаме довербата, ја интензивираме комуникацијата, поставуваме планови, назначуваме координатор, го следиме тоа на дневна основа, го следиме тоа на неделна основа, истакна Османи.

Во врска со очекувањата од средбата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, вели дека има простор да се оди понатаму во изнаоѓање решенија за темите и личностите коишто се предмет на разговор од страна на Комисијата и оти би било штета доколку се пропушти ова досегашно приближување во погледите кон одредени историски настани и фигури.

На новинарско прашање дали можеби има дилеми и кај други земји-членки на ЕУ во однос на преговарачката рамка и заклучоците за С Македонија, Османи дециден оти нема дилеми кај други членки.

-По однос на Северна Македонија нема никакви дилеми и јас секојдневно добивам поддршка од сите земји членки за продолжување на процесот по однос на тоа дали треба двете земји или едната земја – тоа се ставови на земјите членки на коишто ние не можеме да им се мешаме. Ние би сакале за двете земји да се усогласи рамката и истата да се одобри, рече Османи.

Во однос на изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека С Македонија „треба да и излезе во пресрет на Бугарија за загриженостите што ги има“, Османи рече дека е погрешно да очекуваме дека Комисијата може да има симетричен однос кон земја членка и кон земја кандидатка.

-И тоа не само Комисијата, туку која било друга земја членка. Целта зошто се бориме да станеме земја членка е токму тоа за да имаме симетричен однос кон наш и од Комисијата и од другите земји членки. Но, дека сме рамноправни во ЕУ – кандидат и земја членка, мислам дека тоа би била погрешна точка на тргнување во овој процес. Но, и покрај тоа, улогата на комесарот Вархеји беше конструктивна, позитивна, на моменти со идеи и предлози како да се надмине решението со тоа што до моментот тие предлози не станаа или не беа прифатени од двете страни како можен начин на излегување не го прави неговиот ангажман помалку конструктивен или помалку важен. Така што јас се надевам дека комесарот Вархеји ќе продолжи со оваа посветеност кон регионот бидејќи навистина досега ја врши одлично работата според нас како кандидати, оцени Османи.

Во врска со назначувањето на Владо Бучковски како посредник со Бугарија, Османи вели дека тој не е замена за испразнетото амбасадорско место во Софија, туку обид за враќање на довербата се создадени механизми – акциски планови, координатор во олеснување на комуникацијата.

-Во отсуство на амбасадор навистина е додадена вредност да се испрати поранешен премиер во Софија којшто ќе контактира со бугарската страна. Се разбира, во овој период нема да биде сместен таму, туку ќе патува и назад во Скопје и Софија со цел да се олесни таа комуникација, но тоа не значи дека кој било друг ќе преговара по однос на овие прашања бидејќи за овие прашања преговараат владите. Тоа значи дека ниту министерот за надворешни работи преговара сам и одлучува сам, ниту и само премиерот. Тоа е државен врв којшто има законски надлежности во надворешната политика и носи одлуки во текот на преговарачкиот процес. Но, дека се олеснуваат каналите на комуникација, па за тоа постои мрежа на амбасадори, на дипломати кои ќе ја олеснуваат оваа комуникација и Бучковски е дополнителен канал во таа комуникација, меѓутоа во рамки на една структура, во рамки на една хиерархија и одговара пред мене и одговара пред премиерот, односно пред државниот врв што на крај ги носи одлуките. Сфатете го тој процес како канал на комуникација, а не дека создаваме нов преговарач кој ќе бајпасира одредена институција или Владата, вели Османи.

Back to top button
Close