Османи: Целта ни е до ноември, но реалниот рок за уставни измени е последниот ден од мандатот на овој парламент
Министерот за надворешни работи Бујар Османи е оптимист дека уставните измени ќе бидат донесени. Според него, првичната цел на Владата е тоа да се реализира до ноември, но реалниот рок е последниот ден од мандатот на овој парламент.
„Јас сум оптимист дека ќе биде. Се разбира првична цел ни е до ноември, бидејќи тогаш има еден административен календар заради скринингот, меѓутоа реалниот рок е последниот ден, односно мандатот на овој парламент, значи до наредните избори. И до последниот ден ние ќе работиме да обезбедиме поддршка, сметајќи дека нема аргументи против. Мислам дека оваа прва битка ние ја добивме. Како предлагачи ја добивме затоа што не видовме отпор од експерстката јавност, од која било јавност во однос на содржината на уставните измени“,
рече Османи во интервју за Сител.
Тој нагласи дека аргументи против уставните измени нема и ова е, пред се, како што рече тој, калкулација за наредните избори во опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на тоа дали потребата за носење на уставните измени ќе биде донесена на парламентарната седница која ќе започне на 18 август, Османи вели дека сега се е во рацете на претседателот на Собранието.
„Сепак, се е во рацете на спикерот и он ќе одлучи врз основа на Деловникот и координациите што ги прави со пратеничките групи. Врз основа на тоа што тој го кажа е дека откако ќе се исцрпи расправата ќе почека за гласање со цел да се разговара со политичките партии“,
изјави министерот за надворешни работи.