Османи: Доколку го прифатиме францускиот предлог, во прашање се денови кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ

Ако го прифатиме модификуваниот предлог на француското претседателство, во прашање се денови за отпочнување на преговорите со ЕУ, порача министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во изјава за Канал 5. На враќање од Самитот на НАТО во Мадрид, шефот на дипломатијата рече дека овој предлог на францускиот претседател Макрон е конечен и дека ги адресира забелешките на македонската страна.

„Важно е дека предлогот ги адресира забелешките кои ги кажавме во однос на работната верзија која беше дистрибуирана до сите земји членки. Сепак, треба сега да се разгледа целиот пакет, сите аспекти и ставови и потоа да се комуницира официјално француското претседателство за наредните чекори. Имам оформено став, но претходно ќе го презентирам пред Владата, а потоа и пред јавноста“,

изјави министерот за надворешни работи.
Османи додаде дека не треба да се избрза со одлука, но колку побрзо го завршиме внатрешниот консултативен процес, толку подобро би било за земјава. Во однос на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека се водат тајни преговори на штета на националните интереси, Османи негираше, посочувајќи дека тој и неговиот тим пред два дена биле во Софија на разговори со бугарската страна во однос на билатералниот дел од овој пакет.

„Разговаравме за билатералната компонента на пакетот, а тоа е протоколот, а потоа заминав за Мадрид, каде со ЕУ ги продолжиме разговорите за европскиот дел од пакетот, односно за преговарачката рамка и заклучоците,“

додаде Османи.
Османи и на „Фејсбук“ напиша дека од Мадрид се враќа со нов ревидиран француски предлог што ќе биде ставен во процес на институционална консултација и увид на јавноста. Голема благодарност изрази до претседателот Макрон, целото претседателство со ЕУ, како и до канцеларот Олаф Шолц, за нивните особени напори да се обезбеди нов ревидиран предлог како нова шанса да се деблокираат европските интеграции на земјава и целиот регион.

Back to top button
Close