Османи: ЕУ ургентно да ги деблокира преговорите со Скопје и Тирана, да не се остави Западен Балкан како отворена рана

Европската Унија треба ургетно да го деблокира почетокот на преговори со Северна Македонија и со Албанија и не смее да дозволи Западен Балкан да го остави како отворено прашање и отворена рана, рече денеска на брифингот со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи, во однос на тоа колку е реално ситуацијата со Украина да се прелее на Балканот.

– Првиот чекор, ургентниот чекор што треба да се направи е веднаш да се деблокира почетокот на преговори за овие две држави за да можеме и ние да помогнеме да ги превенираме евентуалните влошувања на приликите во овие две прашања. Меѓутоа, во услови кога ние имаме наша ситуација не можеме да придонесеме како што треба ако членка на НАТО овде во регионот или пак подолг кандидат за ЕУ со искуство во овие процеси. Значи, првата одлука за да се спречи влошувањето и на ситуацијата во регионот е веднаш да се започнат преговорите со Северна Македонија и со Албанија.  

Според него, ситуацијата со Украина уште еднаш алармира до ЕУ дека не смее да го остави Западен Балкан како отворено прашање и отворена рана, и оти треба под итно да се преземат сите мерки за да во регионот се внесе нова динамика која што дополнително ќе ја зацврсти улогата на ЕУ на глобалната сцена.

– Порано реков, во своето тело ЕУ има една рана, а тоа е Западен Балкан. Не може да се бори против предизвиците на светско ниво додека таа рана и е во телото. И затоа мислам повеќе од кога било е неопходно ЕУ да смогне сили за да даде позитивна динамика во оваа слаба точка на Континентот што може да биде искористена за да се ослаби позицијата на ЕУ визави овој конфликт, рече шефот на дипломатијата.

Османи оцени дека и Украина треба да има европска перспектива, но како што посочи,  во редот на нештата не може да се прескокне Западен Балкан и да се оди кон периферијата на Европа, „оставајќи рана на срцето на самата ЕУ имајќи предвид дека Западен Балкан е опркужен со земји членки на ЕУ и тоа од сите страни“.

– Ќе продолжиме со активностите и во овој период додека сме ангажирани со конфликтот во Украина да дадеме до знаење на ЕУ дека е неопходно да се внесе нова динамика. Нова динамика во еден регион којшто има две големи отворени прашања како што е Босна и состојбата во односите помеѓу Србија и Косово е преку давање зелено светло за почнување преговори за Северна Македонија и Албанија. Веднаш тоа ќе ја смени динамиката во една позитивна насока за целиот Западен Балкан бидејќи наместо четири отворени прашања ќе имате веднаш само две отворени прашања и две држави што ќе помогнат да се затворат останатите две прашања, оцени Османи. 

Османи додаде дека степенот на внимателност е подигнат и во НАТО и во ЕУ и кај нас коишто сме членки на НАТО во регионот, поради можноста некој да ја искористи оваа ситуација за влошување на приликите овде во услови на две големи отворени прашања и две дополнети отворени прашања, а тоа е нашето и на Албанија поради блокирањето на почетокот на преговорите.

Back to top button
Close