Османи го именува Курти за мандатар за формирање влада на Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи денеска му додели мандат за формирање на влада на лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, со што е исполнет условот за свикување на парламентарна седница за избор на новата влада.
– Во согласност со Уставот на Косово денеска го именував премиерот Албин Курти за мандатар за формирање влада на Република Косово. Му посакувам успех во водењето на новата влада и работата во служба на граѓаните на Република Косово. Нека му е со среќа, објави Османи на Фејсбук.
Се очекува вечерва Собранието на Косово да гласа за формирање на третата влада на Курти.
Денеска беше конституирано Собранието, а Албулена Хаџиу е избрана за претседателка на 10-тото Народно собрание на Косово, со 66 гласа „за“, 44 „против“ и осум пратеници беа „воздржани“. Таа е прва жена претседателка на косовскиот парламент.
Таа претходно беше министерка за правда.
Денеска и 118-те пратеници на десеттиот состав на косовскиот парламент положија заклетва.
На парламентарните избори на крајот од минатата година владејачкото левичарско Движење Самоопределување (ЛВВ) на премиерот Албин Курти обезбеди 57 места во парламентот, централно-десничарската Демократска партија на Косово (ПДК) на Бедри Хамза – 22 места, централно-десничарската Демократска лига на Косово (ЛДК) на Лумир Абдиџику – 15 места, десничарската Алијанса за иднината на Косово (AAK) на Рамуш Харадинај – шест места, додека преостанатите 20 места се загарантирани за малцинските заедници. Без оглед на тоа дали ќе го поминат прагот од пет проценти за влез во парламентот, косовските Срби добиваат 10 од овие 20 места, а преостанатите 10 места им припаѓаат на етничките Турци, Бошњаци, Роми, Ашкалии, Египќани и Горанци во Косово.
Косово западна во политичка криза по парламентарните избори на 9 февруари 2025 година, бидејќи не успеа да формира влада, што доведе до предвремени парламентарни избори подоцна истата година.






