Османи и Маричиќ одат во Париз и во Брисел следната седмица, за да го објаснат новиот пристап со Бугарија

Ќе учиме од грешките и искуства од првиот циклус, кој почна добро и имаше резултати со Договорот за добрососедство, вели шефот на дипломатијата, нагласувајќи дека Скопје и Софија влегуваат во нов – втор циклус од преговорите

 

Скопје и Софија влегуваат во нов – втор циклус во однос на обидите да се најде решение за европерспективата на Северна Македонија, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за новиот процес на преговори со Бугарија, за кој рече дека е динамизиран по меѓувладината седница и изборите во двете држави.

Во „Само интервју“ на ТВ Канал 5, Османи рече дека двете влади се договорија да почне нова динамика на процесот, со платформа за враќање на довербата преку честа комуникација и соработка.

„Ќе учиме од грешките и искуства од првиот циклус, кој почна добро, имаше резултати со Договорот за добрососедство и беше големо постигнување во билатералните односи. Се надеваме дека во овој втор циклус, кој сега го почнуваме, ќе го крунисаме позитивно во интерес на европската перспектива на регионот, се разбира и на билатералната соработка“,

рече Османи, додавајќи дека за тоа ќе помогнат формираните работни групи, а во фокус ќе се стави иднината со што полесно ќе се решаваат предизвиците.

Поставени се краткорочни циклуси и средби неделно – на 1 февруари средба ќе има економска група, на 7 февруари – групата за инфраструктура, за евроинтеграции на 14 следниот месец, а една недела подоцна ќе се состане и образовната работна група.  Секоја петта недела ќе се состанува и комисијата за историски и образовни прашања, а по неколку месеци, како пресек на нивната работа, повторно ќе има заедничка седница на двете влади.

„Доколку нема договор, ќе останат истите предизвици. Нашите позиции се јасни. Преговараме над една година и искристализирани се позициите и од наша и од нивна страна. Мислам дека позициите се појасни по тоа што беше пред една година или шест месеци. Бевме со далечни позиции, сега имаме одредена рамка и се надевам ќе постигнеме одредено решение. Има повеќе разбирање за позициите на едниот и другиот. Ќе му дадеме шанса на процесот. Почнат е процесот на разговори и тековно ќе ја информираме јавноста“,рече шефот на дипломатијата.

Соопшти дека на 2 февруари ќе оди во Париз со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и оттаму во Брисел со цел е да го објаснат новиот пристап со Бугарија за да може да видат дали може да се вклопи во планот за Француското претседателство.

Османи рече дека досега многупати зборувал за пакетот 5+1 и дека ништо не се крие, а тоа што не е претставен како документ, рече, е затоа што се работни верзии кои се разменуваат како нон-пејпери и дотогаш не се објавуваат.

„Се поставува теза дека тајно се продаваат интереси, но тоа не е така. Системот на преговори не е поставен така. Граѓаните треба да бидат спокојни, опозицијата наметнува страв дека нешто скришно се прави. Тоа не е точно. Пред која било одлука ќе бидат транспарентно информирани“,истакна Османи.

Тој утре ќе ги информира членовите на собраниската Комисија за надворешна комисија за текот на разговорите со Бугарија. Седницата ќе биде отворена за јавноста, на негово барање, затоа што, како што рече, „нема што да криеме од граѓаните“.

Нагласи дека ниту еднаш не одбил покана, независно од односот на претседателот на Комисијата кон него, зашто тоа го смета како однос кон Собранието и кон граѓаните и како должност да даде отчет за работата.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close