Османи: Имаме јасна поддршката на останатите 26 членки на ЕУ за старт на преговорите

Апсолутно е јасна поддршката за нас од страна на сите преостанти 26 земји членки на ЕУ. Комуникацијата со официјална Софија продолжува во насока на изнаоѓање решение, имаме волја да продолжиме понатаму, да не изгубиме ниту еден ден, ниту билатералните прашања не треба да бидат пречка за европските процеси, па ниту изборите да бидат пречка за решавање на билатералните разлики, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Комуникацијата продолжува помеѓу нас и Република Бугарија. Во однос на сите други прашања, знаете дека денеска министерот за здравство беше во Софија за соработка во делот на пандемијата. Комуницираме и ние. Сметаме дека независно од она што се случи, тоа не смее да влијае на односите помеѓу нашите две држави и во барањето на решение за да се надмине оваа пречка и да продолжиме понатаму во процесот. Се разбира дека после ветото и следниот Совет на ЕУ ќе треба и ние да седнеме и да разговараме внатре за пристапот понатаму во изнаоѓањето на решение, така што очекувам веднаш после новогодишните празници и нашиот специјален претставник и јас со министерката Захариева и на друго ниво да продолжиме со комуникација за изнаоѓање решение, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на поштенска марка по повод 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Македонија и САД.

Коментирајќи ја изјавата на неговата бугарска колешка Екатерина Захариева дека „не сите земји се за члнество на Македонија во ЕУ“, Османи посочи дека апсолутно е јасна поддршката за нас од страна на сите преостанти 26 земји членки на Унијата.

– Јас вчера се вратив од една турнеја низ земјите од непосредното соседство на регионот, меѓутоа имав и телефонски разговори речиси со сите министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и досега мислам дека апсолутно е недвосмислена поддршката на сите други земји членки на ЕУ во однос на потребата и нивните очекувања за одржување на првата меѓувладина конференција во декември. И тоа не само заради тоа што тоа е принципиелна нивна поддршка, туку и заради тоа што е заслужена. Очигледно дека ова билатерално прашање се претвори во вето во процесот, но знаете дека одлуките на Советот се носат со консензус. Сепак е охрабрувачка поддршката што ја добиваме од сите други 26 земји членки, меѓутоа и нивниот принципиелен став дека билатералните прашања не треба да бидат дел од европскиот процес, односно да го условуваат европскиот процес. Принципиелно сметам дека и Република Бугарија посакува и го поддржува членството на регионот во Унијата, бидејќи е од нивни геостратешки интерес. Треба да продолжиме да ја вратиме довербата и да изнајдеме решение како да ги надминеме разликите, рече шефот на дипломатијата Османи.

Во однос на нон-пејперот што специјалмниот пратеник Владо Бучковски го предаде на државниот врв во Бугарија при неговата прва посета на Софија, Османи рече дека досега немаат добиено одговор, а дека во овој период е време овде да се седне и да се рефлектира по однос на тоа што се случи и која би била следната динамика на разговори.

– Нашата претходна динамика на активности беше поврзана со исходот – владина конференција во декември. Бидејќи тоа не се случи, разговараме за нова и временска динамика по однос на започнување на разговорите, меѓутоа сепак ќе треба и ние тука да рефлектираме по однос на тоа што досега го разговаравме, по однос на очекувањата што ги има таму и како да се најде најсоодветниот пристап да се продолжи понатаму. Меѓутоа, ова не значи некаков прекин на комуникацијата. Фактот, како што реков, на присуството денеска на министерот (за здравство) во Софија, меѓутоа и нашите секојдневни комуникации укажуваат дека ние имаме волја да продолжиме понатаму, да не изгубиме ниту еден ден, ниту билатералните прашања не треба да бидат пречка за европските процеси, па ниту изборите да бидат пречка за решавање на билатералните разлики. Ќе продолжиме веднаш после празниците со комуникација. Немаме добиено одговор на нашиот последен предлог како да се надмине прашањето. Се уште го разгледуваат и ќе добиеме одговор, така што на првиот одговор ние веќе ќе одговориме со следен чекор како понатаму, појасни министерот Османи.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close