Османи – Мас: Крајно време е ЕУ да ја спроведе консензуалната одлука донесена во март 2020 година

 Завршување на стратешката цел на Северна Македонија, членство во ЕУ, и во тој контекст, очекувањата и перспективите за следниот самит Брдо на ЕУ-СБ во Крањ, Словенија, била темата во фокусот на разговорите на денешната средба во Берлин на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Германија, Бујар Османи и Хајко Мас.

На средбата се разговарало и за теми поврзани со европската интеграција на Република Северна Македонија, како и за најновите регионални случувања.

– Пријателите и партнерите ги земаат предвид меѓусебните перспективи и интереси. Нашиот состанок беше длабинска размена за изгледите за следниот исчекор на Северна Македонија кон Европската унија. Привилегија е да се има Германија за пријател и поддржувач, кој искрено  помага да се реализираат овие наши стратешки цели како важна геостратешка инвестиција, истакнал министерот Османи, соопштија од МНР.

Министерот Мас на средбата истакнал дека е крајно време Европската унија да ја спроведе консензуалната одлука донесена во март 2020 година и да започне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

– Сакам да изразам целосна поддршка за словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, кое вети дека ќе стави крај на сегашниот ќор -сокак. Самитот во Брдо мора да испрати недвосмислена порака за остварливоста за пристапување на Западен Балкан. Политиката за проширување ќе добие голем кредибилитет со напредок во досието на Северна Македонија наскоро. Сакам да подвлечам дека постои силен консензус меѓу политичките партии во германскиот Бундестаг во однос на нашата континуирана поддршка за пристапниот пат кон Западен Балкан во ЕУ. Нашиот ангажман ќе продолжи низ и надвор од тековната фаза на транзиција, и по формирање на новата влада, рекол министерот Мас, се наведува во соопштението.

На средбата било разговарано и за севкупниот развој на билатералните односи, економската соработка, ситуацијата во врска со пандемијата на Ковид-19, актуелните надворешно-политички прашања, како и соработката во бројни мултилатерални организации.

Back to top button
Close