Османи: Меџити знаеше дека имам потврдено две други дебати, се обидува да создаде конфузија и да изгледа како да го избегнувам
Меџити знаеше дека имам потврдено две дебати за следните денови, па сега се обидува да создаде конфузија и да изгледа како да го избегнувам.
Ова попладнево во објава на Фејсбук го напиша кандидатот за градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ, Бујар Османи, откако неговиот противкандидат Изет Меџити од ВЛЕН го обвини дека одбил да прифати телевизиски дуел и да се соочи со него.
Во своја одбрана, Османи вели дека неговиот противник Меџити петпати одбил да излезе на дебата со него.
„Дури откако јавно излегов и кажав дека бега од граѓаните, се исплаши од реакцијата и излезе со задоцнета покана за една телевизиска станица. Но вистината е јасна – веќе потврдив две дебати за следните денови, една на албански и една на македонски јазик. Тој го знаеше ова, па сега се обидува да создаде конфузија, да изгледа како да го избегнувам. Всушност, се обидува да го злоупотреби името на една телевизиска станица како изговор да не се појави на двете дебати што го чекаат“пишува Османи во објавата на Фејсбук.
Претходно денеска, Меџити го обвини Османи дека не се одзвал на повикот на Телевизија 21 и ја одбил поканата за соочување со него. Тој, сепак, го повика Османи на дуел, додавајќи дека граѓаните заслужуваат вистинска дебата.