Османи: Мицкоски со лажни закани за хаос ги дели граѓаните, Чаир ќе остане единствен
Кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ, Бујар Османи, порача дека обидите на премиерот Христијан Мицкоски да го прикаже Чаир како центар на нестабилност немаат ефект врз граѓаните, бидејќи токму тие најмногу ја вреднуваат заедницата и соживотот.
„Најважен е соживотот во Чаир. Граѓаните не сакаат националистички пароли, туку мир и почитување. Верувајте, и самите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ ми кажуваат дека и за нив најважно е почитувањето на сограѓаните Албанци,“ истакна Османи.
Тој предупреди дека со повторувањето на лажни најави за хаос, Мицкоски всушност си штети на сопствениот кредибилитет и на функцијата премиер.
„Ја знаете приказната за волкот – еднаш ќе викнете, двапати, трипати, и веќе никој не верува. Така и со Мицкоски: една година најавува дестабилизација, вооружени групи, хаос… а граѓаните гледаат дека ништо од тоа не се случува. Затоа повеќе не му веруваат,“ рече Османи.
Според него, најголема загриженост создаваат обидите да се понижат Албанците и да се внесат поделби меѓу двете најголеми етнички заедници во државата.
„Мицкоски не смее да ги исклучува Албанците, ниту од институциите, ниту од изборните правила. Но она што ми дава надеж е што се повеќе Македонци во Чаир отворено ми велат дека не го поддржуваат овој пристап,“ додаде кандидатот на ДУИ.
Во завршницата, Османи порача дека Чаир ќе остане пример за заеднички живот и европска ориентација:
„Нашата кампања е за проекти и еднаквост, а не за поделби и страв. Тоа е пораката што Чаир ќе ја испрати и на изборите,“ заклучи тој.