Османи на средба со српскиот министер за надворешни работи Селаковиќ

 Актуелните случувања на политичката сцена во Северна Македонија и Србија, како и претстојните значајни одлуки на ниво на ЕУ за сите земји од Западен Балкан кои можат да влијаат на стабилноста и перспективите на нашиот регион, но и на кредибилитетот на Унијата, беа теми на кои министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот српски колега Никола Селаковиќ разговараа на денешната средба.

– Убава прилика денес да бидам домаќин на мојот колега од Република Србија, Никола Селаковиќ и да продискутираме за економската и регионална соработка, но и за нашиот пат на интеграција кон ЕУ. Како блиски соседни држави не ретко се случува да ни се вкрстат патиштата и да имаме можност да се сретнеме и да поразговараме за предизвиците пред нас, објави Османи на Фејсбук.

Во однос на економската соработка, како што наведува Османи, констатирале дека Република Србија останува трет најголем трговски партнер на Република Северна Македонија, како и дека во првите девет месеци од тековната година трговската размена е зголемена за 24 проценти во споредба со истиот период минатата година.

– За развојот, процесите и состојбите во регионот ги изразивме своите заложби и целосна посветеност за мирот, стабилноста и добросостојбата и се согласивме дека практичната и конкретна соработка е докажан начин за надминување на недоразбирањата, напиша Османи на ФБ.

Back to top button
Close