Османи на средба со тројца поранешни амбасадори во Софија
Тројца поранешни амбасадори на земјава во Бугарија имаа денеска заедничка средба со шефот на дипломатијата, Бујар Османи, во рамки на, како што информираат од МНР, пошироките консултации на министерот со истакнати личности од областа на надворешната политика, а поврзано со актуелниот политички дијалог со Софија.
Министерот за надворешни работи имаше средба со поранешните амбасадори на Северна Македонија во Бугарија – Никола Тодорчевски, Александар Василевски и Марјан Ѓорчев.
Османи ги запознал соговорниците со текот на разговорите, меѓусекторската соработка, рефлектирана преку воспоставените работни групи и континуираните средби на највисоко политичко ниво.
Нагласено е дека надминувањето на отворените разлики, претставува стратешки интерес и за двете држави, за што постои цврста волја и посветеност, која може да се огледа во динамиката на дијалогот меѓу двете влади и одржувањето на заедничката владина седница, на крајот на јануари, информираат од МНР.
Османи изразил интерес за ставовите на поранешните амбасадори, имајќи го предвид нивниот мандат во Софија и доброто познавање на земјата.
„Го ценам Вашето искуство и запознаеност со околностите во односите на нашата држава со Бугарија и во оваа фаза на разговори секоја сугестија и размислување е добредојдена и корисна, со цел размена на мислења и креирање на кохезивност за клучните прашања од стратешки интерес за Северна Македонија – истакнал Османи.
Тој ги информирал своите соговорници и дека е во тек процедурата за назначување нов амбасадор во Бугарија, место кое подолго време е испразнето, по враќањето на Ѓорчев.