Османи: Не отстапуваме од амбицијата за стабилни и квалитетни добрососедски односи

Северна Македонија денес е земја која има стабилни, долгорочни и функционални мултиетнички односи, со цврсти механизми за заштита како на индивидуалните права на граѓаните, така и на колективните права на етничките заедници. Не отстапуваме од нашата амбиција да продолжиме со надворешната интеграција со нашето најблиско соседство која посакуваме да резултира со стабилни и квалитетни добрососедски односи, со потенцијал да преминат во трајно пријателство со силна меѓусебна доверба, рече денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи на средбата со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, акредитирани во земјава.

Средбата, како што соопшти МНР, беше со цел министерот да ги брифира амбасадорите за приоритетите на својата мандатна мисија, но и да даде пресек за актуелните случувања поврзани со европската агенда на земјата, особено предизвиците  во билатералните односи со Бугарија и процесот на усвојувањето на преговарачката рамка како предуслов за почеток на преговорите со  ЕУ.

На средбата се дискутираше и за учеството на Северна Македонија во заедничката надворешна и  безбедносна политика на ЕУ. Во тој контекст, Османи истакна:

-Нашата држава во 2020 година има постигнато висок степен на усогласување со позициите на ЕУ, дури повеќе од 93 отсто, што е индикатор дека земјата ги споделува вредностите и принципите  на надворешната политика на ЕУ, истакна Османи.

Зборувајќи за надворешната политика на земјата, Османи се осврна и на активната поддршка на мултилатерализмот и зголеменото присуство на земјата во мултилатералните организации.  Во  таа насока ги информираше Амбасадорите за поднесената кандидaтура за претседателство со  ОБСЕ  за 2023 година.

-Јакнењето на  мултилатерализмот, преку дијалог и партнерство, како и продолжувањето на  развивање на пријателски односи  меѓу сите земји-членки на ОБСЕ  е појдовната  точка на идната програма за нашето претседателство, рече министерот.

Тој ги брифираше амбасадорите и за активностите на министерството во насока на јакнење на економската диплoматија.

-Од исклучително значење е зголемувањето на  билатералната и мултилатералната  економска соработка со другите земји во насока на привлекување странски инвестиции, зголемување на извозот  и промоција на туристичкиот потенцијал на земјата, потенцира Османи.

Во однос на економската дипломатија, министерот го претстави новиот концепт на назначување  економски советници во дипломатските мисии кои се очекува да работат на постигнување на овие цели.

Back to top button
Close