Османи: Нема поголема гаранција за членството на земјава во ЕУ од Преговарачката рамка

Нема поголема гаранција за членството на земјава во Европската Унија од самата Преговарачка рамка. Ова денеска го изјави потпретседателот на ДУИ и актуелен кандидат за градоначалник на Чаир на „Националната алијанса за интеграција“, Бујар Османи, на прес-конференција во општината, каде презентираше дел од неговата програма.

Според Османи, нема поприоритетно прашање за државата и нејзините граѓани од евроинтеграциите и затоа, како што рече, со години бара партиите да постигнат консензус околу него.

„Прво и најважно е за прашањето со евроинтеграциите да немаме партиски и политички поделби. Тоа го барам со години наназад, дајте сите политички партии да потпишеме договор дека ќе се натпреваруваме за сите можни теми, меѓутоа за Европската Унија ќе постигнеме консензус“, рече Османи.

Говорејќи во таа насока, тој наведе дека Албанија на 16 октомври и на 2 ноември ќе ги отвора последните поглавја од преговорите со ЕУ и ќе стане членка до 2029 година, а кај нас оваа тема е целосно блокирана.

Во овој контекст, потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Чаир го изнесе ставот дека за членството на земјава во Унијата нема поголема гаранција од самата Преговарачка рамка, бидејќи со неа се решени двата главни спора со Бугарија.

Според Османи, ниту една резолуција во парламентот и ниту едно барање гаранции, алудирајќи притоа на позицииите на СДСМ со најавената резолуција и на онаа на ВМРО-ДПМНЕ со барањето гаранции да не се поставуваат нови услови, не се поголема гаранција од тоа што го има во Преговарачката рамка.

„Најголемиот спор со Бугарија во последните 30 години беше прашањето за македонскиот јазик. Знаете, и во договорот од 1999 г. и во Спогодбата од 2019 г. македоснкиот јазик беше квалификуван како ‘согласно Уставот’, Бугарија не го признаваше. Во Преговарачката рамка со поддршка на Република Бугарија обезбедивме Европската Унија да признае чиста формулација, и тоа прашање е затворено еднаш засекогаш. Вториот спор беше за посебноста на македонскиот народ. Со самиот факт дека Бугарија прифати во нашиот Устав Бугарите да влезат како малцинство, како посебен народ од мнозинскиот македонски народ, се реши и второто прашање, посебноста на македонскиот народ“, рече Османи.

Тој додаде дека останало само прашањето за интерпретацијата на историјата, што во Протоколот и во Рамката не е ставено како обврска, туку под модусот ‘се охрабруваат страните’, со цел преку дијалог до крајот на преговорите да се надминат разликите за да нема некои спорови.

„Значи, подобро решение од тоа што го направивме ниту имало ниту ќе има“, рече Османи.

За статус квото во однос на евроинтеграциите тој ја обвини актуелната влада, која, како што рече, очигледно нема амбиција за членство во Европската Унија.

Причните за тоа според Османи се две – да се служи на „српскиот свет“ и на олигархијата.

Во овој контекст, Османи повторно ја нападна и коалицијата ВЛЕН, за која рече дека го легитимирала и станала дел од тој процес.

И затоа, како што кажа, локалните избори на 19 октомври ќе бидат референдум на кој граѓаните ќе избираат меѓу два концепти.

„Од една страна имате концепт кој сака да се откочи европскиот пат и да се заштити соживотот и Рамковниот договор и имате друг концепт кој сака да се закочи европскиот пат, да се поништи Рамковниот договор и меѓуетничките односи во државата. Мислам дека граѓаните на овој референдум на 19 октомври ќе дадат јасна порака“, рече Османи.

Back to top button
Close