Османи: Од понеделник започнуваме нова динамика на комуникација со Бугарија

– Оптимист сум дека со новиот пристап на градење доверба преку секторска соработка и со завршувањето на изборниот процес во Бугарија ќе го вратиме амбиентот на рационална дебата, која очекувам да се случи од понеделник со цел сериозен ангажман на двете страни во надминување на разликите за да се добие можност во јунско-јулските самити на ЕУ да се донесе консензус по однос на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарски-прашања на денешната прес-конференција на која го претстави новиот план на МНР Рефлексија 20-30.

Како политичар, Османи рече дека поминал неколку изборни процеси и затоа знае дека изборите секогаш ги „киднапираат“ редовните политички процеси и ги подигнуваат емоциите на високо ниво, со што се губи рационалноста и ја нема нормалната комуникација.

– Ова ме прави оптимист дека после овој изборен процес кој се одвива во Бугарија ние ќе се вратиме во една нормална комуникација, рационална дебата, едно разгледување на нашите позиции и фокус кон иднината повеќе, отколку кон минатото. Знаејќи дека постои доволен потенцијал во двете држави за да се вратиме во оваа нормалност и рационалност во комуникацијата јас сум многу оптимист дека од понеделник ние започнуваме со друга поинаква динамика на комуникација со Бугарија што значи дополнителни напори во месеците што следат за да се фати оптималната можност за започнување на преговорите на Самитот во јуни оваа година, изјави Османи, прашан дали по изборите во Бугарија очекува промена на бугарскиот курс по однос на нашето прашање.

Сите напори и активности, Османи рече дека ги прават со цел започнување на преговорите на Самитот во јуни-јули 2021 година.

Прашан дали очекува попозитивни односи со Бугарија по изборите, Османи, изрази верување дека тоа е можно и најави започнување со прашањата кои не зближуваат.

– Мислам дека најдобрата стратегија е да започнеме со прашањата кои не зближуваат, кои креираат доверба за да потоа во еден амбиент на меѓусебна доверба ги третираме и прашањата за кои имаме разлика. Затоа имајќи ја во предвид улогата на изборите кои обично ги имаат ваквите сензитивни и емотивни процеси убеден сум дека од понеделник влегуваме во нова динамика на комуникација каде што фокусот ќе биде во рационалноста, а не во емоциите, изјави Османи.

Во однос на тоа каде ќе гласаат Бугарските граѓани кај нас, Омсани рече дека тие ќе гласаат во нивните ДПК и во пет изборни центри во Скопје, во Штип, во Струмица, во Битола и во Охрид.

– Сакам прво да посакам успешни избори во Република Бугарија утре со што помалку последици по здравствената состојба на граѓаните имајќи предвид дека се е потешко и покомплицирано. И ние имаме такво искуство да е многу тешко логистички, организациски да се организираат избори во услови на пандемија. Посакуваме што побрзо формирање на институциите со цел создавање на една институционална предвидливост која што ќе ни помогне на нас во ангажманот со цел надминување на разликите во периодот којшто доаѓа, изјави Османи.

Back to top button
Close