Османи: Партиите и Пендаровски да изградат државен консензус во пресрет на преговорите со ЕУ
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска повика политичките партии и претседателот Стево Пендаровски да постигнат државен консензус во пресрет на преговорите со Европската унија.
„Дозволете преку Владата да иницирам и координиран настап на претседателот да почнеме процес на изгадба на нашиот државен консензус за инклузивна постапка со вклученост на сите политички субјекти – рече Османи.
Ваквиот повик доаѓа во пресрет на објавувањето на преговарачката рамка за земјава. Наредните два дена, рече тој, Европската комисија треба да ја финализира првата нацрт-верзија на рамката која ќе биде доставена на разгледување до земјите-членки. Првичната верзија на преговарачката рамка ќе биде проследена и со мини извештај. Тие, според Османи, ќе бидат доставени до КОРЕПЕР – тело составено од амбасадорите, а потоа и на КОЕЛА – Комитетот за проширување на ЕУ составен од претставници на сите земји со што почнува и фактичкото усогласување на преговарачката рамка.
„До крајот на месецот, до крајот на хрватското претседателство, се очекува да се објави верзија која ќе ги вклучи првичните ставови, потоа следи усогласување кое за другите земји траело 2-3 месеци, што би било во рамки на германското претседавање. Тоа е стандардна процедура која ја поминале сите земји членки, но тоа што е важно за нас е дека означува нов исчекор, ново скалило кон првата меѓувладина конференција – рече Османи.
Затоа порача тој дека постојат прашања за кои мора да се иницира дебата и да се постигне државен консензус со цел подготвени да ја дочекаме меѓувладината конференција.
Покрај тоа, рече Османи, потребно е и враќање на целосната функционалност на собраниските тела: Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања.
извор: 360