Османи повика злосторниците да одговараат за злоделата во Украина

По повод годишнината од ослободувањето на украинскиот град Буча, претседавачот со ОБСЕ и шеф на македонската дипломатија Бујар Османи преку видео врска се обрати на Бучанскиот самит кој се одржа денеска во Киев. Самитот беше свикан со цел да се потсети на злосторствата извршени во Украина, а посебно масакрот во киевската област Буча кога повеќе од 460 лица беа убиени од страна на руските воени сили, соопшти МНР.

Во своето обраќање, Османи ја повика Руската Федерација на итен прекин на огнот во Украина и безусловно повлекување на своите воени сили и потсети дека имињата Буча, Ирпин и Мариупол се очигледен потсетник дека мирот и човечкото достоинство не ни се секогаш загарантирани.

Додека меѓународната заедница бара правда, тој повика жртвите на овие злосторства да не бидат заборавени, нагласувајќи дека огромното уништување низ цела Украина сè уште продолжува, а тоа значи и целосно непочитување на вредноста на човечкиот живот.

– Одговорноста мора да надвладее. Не може да има неказнивост за воените злосторства, меѓународната заедница не може да остане нема и да дозволи сторителите да останат неказнети. Затоа, мора да се дејствува решително. Прекршувањето на меѓународното хуманитарно право мора да се реши – рече Османи.

Back to top button
Close