Османи: Проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан e инвестиција во стабилноста и безбедноста

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека сегашните геополитички случувања само ја потврдиле тезата дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан претставува инвестиција во стабилноста и безбедноста, не само на регионот, туку и на Европа. 

-Западниот Балкан географски, политички и културно е дел од Европа, и затоа нема никакво сомнение дека неговата иднина е како дел од европската и евроатлантската Алијанса. Самата карта покажува дека Западниот Балкан не е на периферијата на eвропскиот континент, туку е во неговото средиште. Ова е единствениот  регион кој се граничи скоро од сите страни со држави членки на ЕУ и време е да се заокружи ЕУ. Не се работи само за политичка, туку и за геостратешка изјава. Наоѓајќи се во југоисточниот дел од Европа, Западниот Балкан е и југоисточната порта кон Европа, рече Османи на сесијата „Заедничко градење на отпорна европска Безбедност“ на Преспа форумот за дијалог што се одржува во Охрид.

Тој додаде дека кога станува збор за диверзификација на енергенсите, секако мора да се мисли на енергетските коридори кои минуваат низ Југоисточна Европа.

-Ако зборуваме за миграциските предизвици и балканската рута е веднаш на дневниот ред, кога зборуваме за поврзаноста на Централна Азија, Африка, единствениот пат поминува преку овој регион. Затоа, интегриран и успешен Западен Балкан е гаранција за успешен и просперитетен континент, рече министерот за надворешни работи.  

Тој смета дека во овој контекст, на Самитот на ЕУ на 23 јуни, шефовите на држави на 27 држави членки на ЕУ ќе зборуваат за проблемите поврзани со руската агресија врз Украина и интеграцијата на Западниот Балкан. ЕУ, нагласи, треба да зазема јасен став во однос на Западниот Балкан бидејќи, како што рече, неговата стабилност зависи од тоа.  

-Ако само се потворат истите пораки тоа ќе даде погрешен и лош сигнал, знак. Кредибилноста на ЕУ се става под знак прашање особено со оглед на последиците од руската агресија во Украина. Ако сега се изостави Западниот Балкан, тогаш повеќе ќе изгуби ЕУ. Сега му е потребен на регионот силен сигнал, меѓутоа не само ЕУ, потребна е и цврстата трансатлантска врска. НАТО единственото место каде што секојдневно се заедно ЕУ и НАТО разговарајќи за безбедносите предизвици Црна Гора, Албанија и Северна Македонија го креираат она балканско трио на држави членки на НАТО што ја зачувуваат стабилноста и безбедноста, рече министерот Османи. 

Министерот за надворешни работи потсети дека земјава се приклучи на сите санкции пропишани од ЕУ, и е стопроцентно усогласена со заедничката рамка за надворешна и безбедносна политка на ЕУ, како и дека уште пред да почнеме со преговори имаме импресивни 40 проценти транспонирање на европското законодавство во домашното.

-Денешните настани бараат геостратешко мислење проследено со директно дејствување да не губиме повеќе време. Како никогаш до сега мора да се крене гласот на разумот и да чуеме добредојовте Европејци, рече министерот Османи.

Генералниот секретар на ОБСЕ Хелга Шмит која имаше свое обраќање во рамки на сесијата истакна оти се согласува дека сега, повеќе од кога и да е, е потребно сите заедно да работат и да соработуваат за да се овозможи поголема безбедност.

-Тоа е препознатливиот знак на ОБСЕ со работата во областа на безбедноста, но и во многу важната човекова димензија, односно во областа на човековите права. Една од целите е и да се намали веројатноста за конфликт. Секако имало конфликти, но преку нашата инволвираност во многу од нив биле спречени или прекинати. Сега сме соочени со суровата воена реалност. Не би сакала ова да го споредувам со било што бидејќи се работи за непровоцирана и неоправдана војна покрената од една независна кон друга независна држава со особено тешки последици особено за Украинците кои ја плаќаат секојдневно цената, рече Османи.

Затоа, нагласи, повеќе од кога и да се треба да се работи заеднички за да се овозможи што поголема безбедност и да му се даде предност на дијалогот и соработката наспроти конфликтот.

Преспа форумот за дијалог попладнево продолжува со сесија „Западен Балкан – управување на бродот во турбулентни времиња“ на која, меѓу другото, ќе се разговара за влијанието на најновите геополитички настани врз интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ: колку блиску или колку далеку е Регионот од ЕУ, дали има вистинска политичка волја да се оди над стерилната дихотомија меѓу европската перспектива и кредибилен процес на пристапување на земјите од Западниот Балкан.

Back to top button
Close