Османи разговараше со Ескобар за руската инвазија на Украина и за билатералните односи САД – С Македонија
Министерот за надворешни работи Бујар Османи телефонски разговарал со заменик-помошникот државниот секретар и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Како што соопшти МНР, тема на разговор била инвазијата на Русија врз Украина, при што министерот Османи ја реафирмирал државната позиција за остра осуда на воената интервенција, упатувајќи притоа и повик за прекин на воените дејствија и повлекување на руските воени сили.
„Османи, ја реафирмираше поддршката за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, а беше поздравена и воената и хуманитарната помош што земјава ја обезбедуваат како израз на солидарност и поддршка за украинскиот народ. Во рамки на разговорот, беше поздравена светската осуда на воената инвазија, при што беше забележано дека недостасува соодветна реакција од страна на НР Кина со јасна осуда за руската агресија. Во таа смисла, беше истакната потребата од заеднички глобален повик до Русија за прекин на воените активности што претставуваат закана за европската и целокупната меѓународна безбедност – се вели во соопштението.
Исто така, се наведува дека Османи упатил благодарност до американската страна за континуираната поддршка за стратегиските цели на Северна Македонија, како и целокупниот придонес за стабилноста и демократскиот развој на Западен Балкан и ја нагласил потребата за зајакнато американско присуство во нашиот регион како силна гаранција за регионалната и европската безбедност.
Соговорниците ги поздравиле и билатералните односи меѓу САД и Северна Македонија базирани на стратегиско партнерство и традиционално пријателство и изразиле заемна готовност за нивно понатамошно надградување во периодот што следува.