Османи: Сиљановска-Давкова наместо да ја поддржи европската иднина на државата, продолжува да шири дезинформации

Преговарачката рамка не е документ што го потпишува министерот за надворешни работи, туку е усогласена и усвоена од сите 27 земји-членки на ЕУ, по што ја усвојува Владата и ја гласа парламентот. Во нашиот случај, Преговарачката рамка беше поддржана со 67 гласови во Собранието, вклучувајќи ја и содржината на протоколите. Најмалку што може да се очекува од една претседателка е да биде информирана и да се изразува одговорно“, реагира Османи по синоќешното гостување на претседателката во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, наместо да ја користи својата функција за да ја поддржи европската иднина на државата, продолжува да шири дезинформации кои сведочат за сериозно непознавање на основните процедури на Европската Унија, реагира поранешниот шеф на дипломатијата Бујар Османи, по синоќешното гостување на претседателката во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма.

„Преговарачката рамка не е документ што го потпишува министерот за надворешни работи, туку е усогласена и усвоена од сите 27 земји-членки на ЕУ, по што ја усвојува Владата и ја гласа парламентот. Во нашиот случај, Преговарачката рамка беше поддржана со 67 гласови во Собранието, вклучувајќи ја и содржината на протоколите. Најмалку што може да се очекува од една претседателка е да биде информирана и да се изразува одговорно. Популизмот можеби носи поени за денес, но ѝ штети на државата утре. А од една професорка, сепак се очекува барем основно познавање на материјата“,

порача Османи на Фејсбук.

Сиљановска-Давкова го критикуваше Османи за пречекорување на овластувањата во однос на протоколот што е дел од Преговарачката рамка со ЕУ, потенцирајќи дека не може протокол да биде дел од рамка, и изрази сомнеж за начинот на кој тој го потпишал овој документ.

Според неа, доколку Заедничката мултидисцилинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија не ја заврши работата и не постигне консензус за отворените прашања меѓу Скопје и Софија за историјата, тогаш приказната со евроинтеграции на земјава нема да заврши, односно тоа ќе биде причина за ново вето од Бугарија.

Прашањето за уставните измени е опфатено во пакетот документи усвоени при почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија во јули 2022 – заклучоците на Советот на ЕУ, Општата позиција, Преговарачката рамка, како и во Протоколот од меѓувладината конференција меѓу Северна Македонија и Бугарија, каде е опфатена и работата на историската комисија.

Протоколот беше потпишан на 17 јули 2022 година во Софија. Потписите во името на двете земји ги ставија тогашниот министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, и тогашната шефица на бугарската дипломатија Теодора Генчовска.

 

 

 

 

Back to top button
Close