Османи: Со Шилегов видовме што значи рамноправен развој на градот

Османи вели дека сметаат оти овие избори за нив биле едни од најуспешните не само поради освоените над 100 000 гласови во првиот круг, туку и затоа што успеале да наметнат нова политичка мисла и агенда – зелената

ДУИ ги оцени овие локални избори како едни од најуспешните досега за партијата и на завршната прес-конференција побара поддршка за своите кандидати и зелената агенда, но и за кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, од редовите на коалицискиот партнер СДСМ.

„Скопје е главен град на целата држава, и град кој е важен за сите негови граѓани, а Петре Шилегов го покажа токму тоа, дека Скопје може да биде град на сите негови граѓани. Изминативе четири години видовме што значи рамноправен развој на градот, без разлика дали во одредени реони живеат Албанци или Македонци, дали живеат Турци, Роми, Бошњаци, Срби или Власи. Скопје станува град на сите, град за сите – и тоа треба да го зачуваме. Тоа е важно и за нас скопјаните, но тоа е важно и за севкупниот мултикултурен амбиент на државата“,рече портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Османи вели дека сметаат оти овие избори за нив биле едни од најуспешните не само поради освоените над 100 000 гласови во првиот круг, туку и затоа што успеале да наметнат нова политичка мисла и агенда – зелената.

„Покрај резултатот, ние сме горди што зелената агенда се наметна како задолжителен политички наратив на целото општество, процес кој влегува во една структурирана, предвидлива фаза од која нема враќање назад, напротив, со успехот кој го очекуваме и во вториот круг зелената агенда станува обврска и за претставниците на локалната власт, а посредно и за Владата и сите други институции и општествени чинители. Граѓаните треба да знаат дека во недела имаат избор околу една јасна понуда и концепција од една страна, и сè уште несфатлива коалиција со нејасна идеолошка и политичка цел до другата страна“,рече Османи.

Тој побара поддршка набројувајќи ги поединечно сите кандидати од ДУИ: за Теута Арифи во Тетово нагласи дека има значајни проекти во зелената агенда, од пречистителни инвестиции, гасификација на градот, па се до реализација на коридорот 8; за Невзат Бејта во Гостивар, пак, рече дека е работлив и успешен кандидат кој носи нова перспектива за Градот итн.

Back to top button
Close