Османи: Тие што собираа политички поени во Благоевград сега нека им објаснат на Македонците таму зошто останаа без здружение
„Не може здружение на двајца од Канада, на пет илјади километри одовде, да ја знаат нашата ситуација подобро. Ако има некој да помогне, да финансира, да охрабрува, има луѓе што подобро ја разбираат проблематиката. Меѓутоа, едно сомнително здружение од Канада, кое има антидржавни ставови, да финансира токму во ова време отворање на клуб на Македонците како одговор на отворањето на клубот во Охрид, тоа не е наша политика, тоа не е начин на кој ние би ги промовирале интересите на граѓаните“, вели Османи
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска ги повика политичките партии кои во неделата присуствуваа на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград сега да им објаснат на Македонците во Бугарија зошто е укинато здружението што го отвори клубот.
Османи истакна дека како Министерство за надворешни работи претпоставувале дека целиот настан ќе предизвика верижна реакција од која на крај најоштетени ќе излезат граѓаните, односно Македонците во Бугарија.
„Ние воопшто не знаевме што ќе биде, но претпоставуваме дека тоа ќе предизвика верижна реакција на еден негативен фидбек, еден негативен натпревар од кој на крај најоштетени ќе излезат токму граѓаните, Македонците во Бугарија. И сега нека излезат тие што отидоа таму да ги охрабрат, тие политичари што отидоа да ловат политички поени нека им објаснат на луѓето зошто им е укинато здружението“, рече Османи одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со потпретседателот на влада и министер за надворешни работи на Казахстан, Мукхтар Тилеуберди, кој е во посета на земјава.
Османи повторно ги посочи неговите пораки дека станува збор за „погрешен пат и дека треба поинаку да се прави“, притоа нагласувајќи ги финансиерите на клубот, односно сомнителното здружение од Канада со, како што рече шефот на дипломатијата, антидржавни ставови.
„Не може здружение на двајца од Канада, пет илјади километри одовде, да ја знаат нашата ситуација подобро. Ако има некој да помогне, да финансира, да охрабрува има луѓе кои подобро ја разбираат проблематиката. Меѓутоа едно сомнително здружение од Канада кое што има антидржавни ставови да финансира токму во ова време отворање на клуб на Македонците како одговор на отворањето на клубот во Охрид тоа не е наша политика, тоа не е начин на кој ние би ги промовирале интересите на граѓаните. Ние знаевме дека тоа е само саботирање на интересите на заедницата и рековме дека на крај тоа ќе заврши на штета на тие граѓани. Мислам дека е време да се прашаат тие политичари што отидоа да ловат одредени политички поени, како сега ќе се оправдаат, како ќе им објаснат на Македонците таму зошто им е укинато здружението“,рече Османи.
Инаку, на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград присуствуваше делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од лидерот на партијата Христијан Мицкоски, како и лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Во Благоевград не отиде премиерот Димитар Ковачевски, како и претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој за оваа пригода во Бугарија го прати шефот на кабинетот, Миле Бошњаковски.
За комплицираната ситуација во Бугарија околу формирањето на политичка влада во земјата и како тоа се одразува на билатералните обврски преземени од двете земји, Османи хипотетички се осврна на прашањето поставувајќи ситуација во која С Македонија не ја донесеше одлуката за почнување на преговори со ЕУ и склучување на договорот со Бугарија.
„Сега ќе ги чекавме резултатите од формирањето на институциите во Бугарија и ќе бевме се уште во исчекување кога таму ќе има одредена предвидливост за да може евентуално да се најде решение. Така да тоа беше добра одлука“,рече Османи.
Тој истакна дека во моментов земјава нема „некој отворен дијалог со Република Бугарија за отворени прашања, туку во делот на имплементација на обврските“.
„Ние ги имплементираме нашиот дел од обврските, Република Бугарија својот дел. Последно беше ова со Фронтекс. Тоа беше обврска на Република Бугарија преземен од протоколот потпишан на 12 јули“,изјави Османи.
Како што информираше шефот на дипломатијата, тој следната недела планира да оди во работна посета на Бугарија, каде покрај со претставници на службената Влада планира да се сретне и со политичките партии за да разговара, како што рече , отворено за сите аспекти.
„Мислам дека сега е време за да се воспостави таа комуникација и со политичките партии во Република Бугарија“, истакна шефот на дипломатијата.