Османи: Во паролата „Премиер Албанец, зошто не?“ поважна е симболиката од практичниот аспект

Демократската унија за интеграција очекува покана од СДСМ за формирање на ново парламентарно мнозинство веднаш по конституирањето на Собранието. Така вели високиот партиски функционер Бујар Османи во интервју за косовската телевизија Т7, пренесува Алсат. Но, во исто време, Османи не исклучува и коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од интервјуто било посветено и на шпекулациите дека ДУИ би се откажале од идејата за Албанец премиер, за т.н. ротирачки премиер, односно на чело на владата во еден период од четиригодишниот мандат да седи Албанец, а во остатокот Македонец.

Гласините за ротација на позицијата Османи ги нарекува „коментари на аналитичарите“, иако како партија не би имале ништо против за таквата идеја. Османи рече дека нивниот предлог за премиер е симболичен.

-Една од паролите на кампањата беше Зошто да не, така што Зошто да не? Сè е можно. Во случајот со премиерот, симболиката е поважна отколку практичниот аспект. На овој начин се кршат табуата на нееднаквост во оваа земја. Мислам дека институциите се ослободуваат – рече Бујар Османи, портпарол на ДУИ во интервју за косовската телевизија Т7.
Ниту една од партиите досега не потврди дека официјално ги почнале преговорите за формирање влада. Пред два дена весникот „Коха“ објави дека коалицијата „Можеме“ на СДСМ и ДУИ постигнале договор – премиерот три години да биде од редовите на социјалдемократите, а една година од интегративците. Но, оваа вест беше демантирана и од двете партии.

Back to top button
Close