Османи за 360- Пред одлука сум да се кандидирам за Чаир,анкетите ми одат во прилог
Размислувам, веќе се разговара за тоа во партијата. Чаир е многу важна општина за ДУИ и Фронтот, меѓутоа сега сум во фаза на слушање на граѓаните, на соседите, на луѓето од маало, дали би влегле во еден таков потфат – вели потпретседателот на ДУИ и поранешен министер, Бујар Османи, во гостување на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, прашан дали ќе се кандидира за градоначалник на Општината Чаир на претстојните локални избори.
Османи вели дека постојат анкети кои се прават во моментов и оти тие се добри за него, што значи дека граѓаните даваат поддршка за еден таков заеднички потфат, но дека нему лично му е важно да седне лице в лице со нив и да види дали би влегле во широка коалиција за Чаир, бидејќи овие локални избори имаат повеќе импликации отколку само општинските прашања.
„Чаир е место кое, за жал, имплодира и е заложник на една лоша политика повеќе од пет мандати, но доколку се донесе таква одлука, сакам да биде заедничка. Доколку граѓаните на Чаир и јас сметам дека од тоа нешто може да се направи подобро, тогаш би размислувал во тој правец, но во оваа фаза оставаме да видиме и не можам да кажам дали ќе бидам официјално кандидат или не“,рече Османи.
Во однос на тоа дали е можно во октомври да се случи соочување помеѓу Бујар Османи и Изет Меџити и што ќе значи тоа за Чаир, тој вели дека станува збор за иста политика без разлика дали ќе се кандидира Висар Ганиу (актуелниот градоначалник) или Изет Меџити и дека Чаир станало место во кое не може да се живее нормално.
На новинарска забелешка дека партијата на Османи не може да се амнестира од оваа состојба оти до 2022 г. Меџити и Ганиу беа дел од ДУИ, тој одговори оти политичката одговорност има име и презиме на раководителите на општината.
Прашан дали можната кандидатура за Чаир доаѓа од логиката дека дури и ДУИ да стане дел од Владата во одреден момент, Мицкоски никогаш не би прифатил тој да биде министер, Османи рече дека разликата помеѓу ДУИ и ВЛЕН е токму во тоа што тие не прифаќаат инженеринг и учество во влада, при што нејзиното учество би било диктирано од коалицискиот партнер.
„Не поради Бујар Османи, туку поради принципи Али Ахмети никогаш не би дозволил да има таков политички инженеринг. Се почитува волјата на граѓаните и се постапува согласно тоа. Бујар Османи на последните претседателски избори доби 120 000 гласа, што значи доби целосен легитимитет од Албанците и доколку дозволат Албанците или ДУИ да се наметне волјата на коалицискиот партнер врз Албанците, тоа веќе не е партнерство, туку она што го гледаме со ВЛЕН – вазалство“,
рече Османи.