Османи за „ЕУОбзервер“: Во интерес на Бугарија е регионот да успее

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во интервју за „ЕУОбзервер“ вели дека се надева оти Скопје и Софија сега ќе ја насочат енергијата за решавање на прашањето, по изборите во Бугарија во неделата.

– Во интерес е на Бугарија регионот да успее, вели тој.

Османи за „ЕУОбзервер“ во врска со ситуацијата во Босна и Херцеговина, оценува дека настаните од 90-те години нема да се повторат во регионот. – Не сме во фаза кога ова може да се претвори во војна или конфликт, рече тој, посочувајќи го присуството на НАТО.

Османи истакна дека НАТО и зрелоста на регионот, должејќи се во еден дел на европската перспектива, е гарант за стабилноста.

– НАТО е гарант за политичката предвидливост, стабилноста и безбедноста. Тоа е горивото што го прави моторот да се движи, додаде Османи.

Шефот на дипломатијата посочува дека решавањето на прашањето за пристапување во ЕУ со Северна Македонија и Албанија исто така ќе поттикне Србија и Косово „да го следат патот на помирувањето“.

– Со тоа го отворате патот и за решавање на прашањето на БиХ, вели Османи, додавајќи дека судбината на регионот на некој начин зависи од отворањето на меѓувладините конференции со ЕУ.

„ЕУОбзервер“ додава дека високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Жосеп Борел даде слична изјава во понеделникот на средбата со шефовите на дипломатиите на ЕУ, истакнувајќи дека меѓувладините конференции со Северна Македонија и Албанија треба да се одржат што е можно поскоро, до крајот на годината.

– Доколку тоа не се случи, ќе има негативно влијание врз кредибилноста на Унијата и на целиот регион, рече тогаш Борел.

Изданието потсетува дека со години се одложува почетокот на отворање преговори, што доведе до фрустрации во земјата. Европската комисија, додава „ЕУОбзервер“ посочи дека ова одложување ја загрозува поддршката на ЕУ за регионот и отвора пат за можно руско или кинеско влијание.

„ЕУОбзервер“ наведува дека Северна Македонија во 2018 година се согласи да го смени името, по долгогодишниот спор со Грција. Бугарија оттогаш постави свои барања, поврзани со јазикот и идентитетските прашања.

– Нејасно е дали Бугарија ќе ја смени тактиката, но новата центристичка антикорупциска партија во Бугарија „Промената продолжува“, најверојатно ќе состави нова влада, додава изданието. Освен изборите во Бугарија, и во Северна Македонија има политички превирања, коментира „ЕУОБзервер, додавајќи дека „прозападниот премиер Зоран Заев поднесе оставка на крајот на октомври, за подоцна да ја повлече“.

Back to top button
Close