Османи за „Отворен Балкан“: Искажав личен, а не владин став
Мој личен став, а не владин е изјавата за преиспитување на учеството на Македонија во иницијативата „Отворен Балкан“ доколку се докаже дека Србија на било каков начин е вклучена во нападот во Северно Косово.
Мој личен став, а не владин е изјавата за преиспитување на учеството на Македонија во иницијативата „Отворен Балкан“ доколку се докаже дека Србија на било каков начин е вклучена во нападот во Северно Косово, вели за Канал 5 министерот за надворешни, Бујар Османи.
Во краток писмен одговор шефот на дипломатијата потенцира дека за ова прашање не се разговарало во Владата. Оттаму, пак, иако побаравме, засега нема коментар за изјавата на Османи. Шефот на дипломатијата во синоќешното гостување во емисијата „Топ Тема“ кажа дека заедничката иницијатива ќе биде невозможна ако се покаже вмешаност на српските државни институции во нападот во Косово.
– После случувањата на Косово на 24 септември мислам дека Србија треба да направи напори да докаже дека не се вмешани во тој настан бидејќи доколку има какво било државно вмешување навистина го прави невозможно нашето учество и на другите земји во регионот, бидејќи идејата за Отворен Балкан, пред се, беше помирување. И ова што се случи во Северно Косово се надевам дека ќе се докаже дека нема државно вклучување, но ако се докаже, навистина мислам дека треба да го преиспитаме нашето учество, рече Османи.
Дел од аналитичарите оценуваат дека треба да се остави простор на истрагата да покаже дали и каква вмешаност има во инцидентите кај Бањска. Според Петар Арсовски и Алберт Муслиу евентуалното утврдување на одговорност од Србија секако ќе има импликации и врз односите во Отворен Балкан и врз македонско-српските односи.
– Ние не знаеме што ќе покаже истрагата. Ако таа покаже дека српските официјални власти се вмешани во тој инцидент и во рамки на Отворен Балкан и во рамки на Берлинскиот процес, но и ние како држава ќе мора да заземеме некаков став и реакција која не може да биде добра за Србија, особено имајќи го предвид дека во моментот го имаме претседателството на ОБСЕ. А се разбира дека албанските политичари во Македонија се понаелектризирани на постапките на Србија визави Косово. Се работи за меѓународна истрага, но најмалку КФОР или претставниците официјални на администрацијата во Косово треба да дадат некакво известување и да, ако е преуранета изјавата, ќе влијае негативно на односите меѓу Македонија и Србија, особено бидејќи задира во директната соработка, смета Арсовски.Здружувања во концептот Отворен Балкан значат добра волја, тенденција за отворање. Ако се докажат инсинуациите дека има вклученост на службените српски институции во тоа што се случило во Северно Косово, тоа нема да биде терористички напад тоа ќе биде агресија. Така да тоа здружување на Македонија, Албанија и Србија, се губи смислата. Така независно што ќе рече нашиов министер, по логика, тоа е тоа. Ова не е став само на Косово, ова е став и на ЕУ и САД, дека треба да се истражи. Не, тоа нема да ги влоши односите меѓу Македонија и Србија. ЕУ не е само наш партнер, таа е партнер и на Србија, изјави Муслиу.
Од партијата Македонски концепт најостро ги осудија, како што велат, низата обиди на Османи, со кои директно и свесно ја внесува Македонија во српско – косовскиот судир, што е дел од руското сценарио за дестабилизација на Балкан и јужното крило на НАТО.
Отворен Балкан е регионална иницијатива создадена од Македонија, Србија и Албанија за поголема социјална, економска и трговските соработка и интеграција во регионот. Првите официјални документи за соработка пред околу две години ги потпишаа Заев, Вучиќ и Рама. Сепак главните забелешки на критичарите беа дека „таму не се сите земји од Западен Балкан“, иако отворен интерес покажаа и Босна и Херцеговија, Црна Гора, додека Косово беше против заради односите со Србија.