Османи за пораката на Коп: Веројатно ДУИ е таа што најмногу зборува за борбата против корупција, се разбира дека и ќе се бара нејзина поддршка

Блокирањето на нашиот пат кон Европската Унија е директна причина за неможноста во земјава да постигнеме европски стандард на владеење на правото, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира вчерашната остра порака на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, дадена на средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена по постојаниот пад во владеењето на правото во земјава. На прашањето, дали смета дека ваквата порака на Коп била директно насочена кон ДУИ, Османи со забелешка: „Веројатно ДУИ е еден од тие што најмногу зборуваат за борбата против корупција, се разбира дека и ќе се бара поддршка од страна на ДУИ“.

„Ова е продолжување на ставот на холандската амбасада којшто го кажа во неколку наврати пред крајот на минатата година во многу интервјуа. Веројатно ДУИ е една од тие што најмногу зборуваат за борбата против корупција, се разбира дека и ќе се бара поддршка од страна на ДУИ. Во моите разговори со холандскиот амбасадор имаме суштински две концептуални разлики. Тој смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на правото и без преговори со ЕУ. Од една страна, некои тоа го читаат како комплимент, од друга страна, некои го читаат како намалување на притисокот за проширување на ЕУ којшто, еве, некој може да каже злонамерен, па Холандија е позната по немање на расположение за проширување“, изјави Османи.

Според него, европски стандард на владеење на правото не можеме да постигнеме без преговори со Унијата, туку, како што кажа, „можеме некаков балкански стандард на владеење на правото да постигнеме и сами“.

„Не можеме, тврдам, не можеме да постигнеме европски стандард на владеење на право без процес на преговори и тие два процеса се меѓусебно поврзани. Блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможност за постигнување на тој европски стандард. Така што, тука прашање е што е постаро, јајцето или кокошката, дали причината што сме блокирани не можеме да постигнеме европски стандард или тоа што не постигнуваме европски стандард е причина што не можеме да се движиме кон ЕУ. Мислам дека има тука многу сиви зони. И има една разлика исто така, а тоа е дека ставот дека има политичко влијание врз судството од наша страна повеќе сметаме дека има одредено влијание на олигархијата во критични точки во системите во државата коишто се многу поопасни од кое било евентуално политичко влијание“,оцени министерот за надворешни работи.

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, вчера на средба со лидерот на ДУИ, Али Амети, му пренесе остри пораки дека посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена по постојаниот пад во владеењето на правото во земјава. Информацијата за средбата ја сподели холандската амбасада на нејзиниот официјален фејсбук-профил.

„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ целиот политички спектар. Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија“, беше наведено во објавата на холандската амбасада за средбата на Јан Коп со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Информацијата за средбата Коп – Ахмети подоцна во текот на денот, пристигна и од ДУИ.

„Законот за ветинг за судиите, обвинителите и политичарите е подолго време во Собранието, но ЕУ првично имаше резерви во овој процес, повикувајќи се на примерот со Република Албанија. Што се однесува до Врховниот суд, Ахмети истакна дека во надлежност на Судскиот совет е да постапува според законите. Според извештаите, до денес имало повеќе дисциплински постапки и во нивна надлежност е да постапуваат согласно законот и без било каков внатрешен или надворешен притисок“,соопштија од ДУИ.

 

Back to top button
Close