Османи за спорот со Бугарија: Темата не е идентитетот туку патоказот, работиме како јуни да ни е единствена шанса

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вели дека главна тема во однос на спорот со Бугарија не се идентитетските прашања туку патоказот. Тој вели дека наше е тој патоказ да го дефинираме, а на членките на ЕУ паѓа бремето да го заштитат процесот на пристапување во ЕУ.

„Мислам дека главна тема не се идентитетските прашања туку е патоказот кој ќе создаде предвидливост во имплементација на договорот за пријателство. Патоказот за нас е прифатливо решение кое ќе ја создаде таа предвидливост, сме го разговараме тој акциски план во неколку наврати, но мислам дека повеќе е обврска на земјите-членки да кажат каде ќе го стават тој патоказ и дали ќе го заштитат европскиот процес како таков. Тој дел од бремето мислам дека паѓа на земјите-членки, а наше е да работиме тој акциски план да се дефинира што побрзо“,

изјави денеска Османи.

Тој вели во целиот овој спор помеѓу Софија и Скопје, интерес имаат и земјите-членки бидејќи начинот на кој ќе се реши спорот понатаму може да создаде големи проблеми и за другите земји кои пристапуваат во ЕУ.

„Португалскиот предлог е креативно решение кое ги адресира сензитивностите на сите три страни – нашата, бугарската и на земјите-членки, бидејќи очигледно и земјите-членки имаат став во однос на тоа каков ќе биде преговарачкиот процес зашто тоа што ќе се постави како модел со нас утре ќе направи преседан и за други земји-кандидати и земји во регионот. Тоа значи дека тоа може да отвори големи проблеми имајќи предвид колку билатерални прашања има во регионот и оттука е интересот на членките, можеби не само заради нас туку и заради самиот процес, да го заштитат процесот“,

вели шефот на дипломатијата.

Османи уште еднаш повтори дека од наредните две години јуни е најдобрата шанса за решавање на спорот и почеток на преговорите, па затоа работат како идниот месец да е единствената шанса.

„Останува на ставот дека ние работиме како да јуни ќе биде, независно што не сакам да ги подигам очекувањата на граѓаните. Тоа е комплексен процес кој веќе не зависи од нас, нашето е до исполнувањето на критериумите. Критериумите се исполнети, сега очигледно процесот зависи од многу динамики во земјите-членки, но нашиот ментален пристап е да работиме за јуни како да е единствена шанса за изнаоѓање на решение иако имам лично чувство дека во наредните две години можеби јуни е најдобрата шанса“,

изјави министерот.

Исто како и премиерот Зоран Заев вчера, и Османи денеска најави дека очекува наредните денови да има средби со Бугарија и на премиерско и на министерско ниво на кои ќе се договори динамиката и ќе се адресираат прашањата што ја засегаат бугарската страна.

Back to top button
Close