Османи за „Трилинг“: Уставните измени не се ризични за никого
Уставните измени не се контроверзни, не се ризични за никого и само ќе ја зацврстат нашата позиција на земја во која што заедниците и граѓаните ги имаат сите индивидуални и колективни права. Ние како држава сме најдобри на тоа поле и само ќе ја зацврстиме таа позиција.
Ова го изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи во интервју за емисијата „Тринилнг“ што се емитува на Телевизија 24. Османи во интервјуто за „Трилинг“ зборува за поларизацијата на општеството контролирано од тесно партиско-политички калкулации и можните негативни последици од таквото дејствување.
„Досега не видовме ниту еден аргумент што е ризично во уставните измени. Однесувањето на опозицијата има за цел да го поларизира општеството и наредните избори да бидат своевиден референдум за уставните измени. Опозицијата игра на таа карта, го лови тој сентимент кај граѓаните коишто очигледно се разочарани, но со право во однос на тоа како изгледа европскиот процес на нашата држава. Но тоа е нечесен пристап, и кон граѓаните и кон државата“, истакна Османи во интервјуто.
Во таа насока, Османи повтори дека следните избори ќе бидат во редовниот термин, пролет 2024 година.
До тогаш, неучеството на опозицијата во важните прашања за државата Османи го оценува како политичка несериозност .
„Опозицијата кога се одлучуваат важни прашања за државата, како и во минатото така и сега, не е на маса каде што се носат одлуките, а потоа излегува на улица. Доколку не знаете како да ги решите проблемите, барем не ги блокирајте тие процеси“, повика Османи.
Османи рече дека не предвидува добра внатрешна и регионална динамика на политичките процеси доколку Северна Македонија до крајот на оваа година не ги направи уставните измени важни за евроитегративниот пат на земјата.
„Имајќи ја предвид важноста и зависноста на земјата од европската интеграција мислам дека ќе настане една општествена и политичка криза каква што имаме видено претходно со блокадата на европскиот процес поради проблемот со името и можеме да влеземе во една ситуација на изолација во којашто ќе се отвораат некои прашања кои самиот европски процес ги субординира“, рече Османи во интервјуто.