Османи за тв 21 ги објави петте столба на албанските партии во преговорите за влада

Вицепремиерот за евроинтеграции и висок партиски функционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), во изјава за ТВ21 претстави нова „платформа“ за тоа како треба да изгледаат постизборните преговори за коалицирање на партиите на Албанците во Македонија.

Ставот доаѓа во предвечерјето на стартот на формалните разговори за формирање на нова влада, по изборите на кои ДУИ освои 15 пратеници.

Според Османи, ДУИ предлага т.н. „пет главни столба“ кои би ги прифатиле сите партии на Албанците во Македонија. Тие се:

1. На изборите не се тркаме со повеќе од две листи;

2. Партијата која ќе добие глас повеќе, зборува во име на Албанците во другите општини;

3. Партиите и пратениците кои имаат глас помалку, даваат поддршка на првата партија која за стратешките линии ќе зборуваат во името на сите пратеници Албанци, а за дневно политички прашања ќе биде главен коректор;

4. Пратениците на партиите кои не победиле, не водат разговори на страна за да ги ослабнат преговарачките позиции на победничката партија (како во 2006);

5. Можност за соработки во разни форми во интерес на граѓаните меѓу албанските политички партии“,

изјави Османи за ТВ21.
Поедноставено, Османи предлага на изборите да настапуваат најмногу две партии или две коалиции на партии на Албанците, веројатно со цел да не се „раситнуваат“ гласовите. Понатаму, ДУИ посакува само тој што ќе победи да води преговори за формирање на влада а вториот да не се меша. На крај, се предлага опозицијата кај партиите на Албанците да дава поддршка на владејачката партија на Албанците за „стратешките линии“, а да критикува за дневно политички прашања.

„Многу е важно да се согласиме за оваа албанска платформа во политичката трка која треба да биде постојана за албанската политика“

вели Османи за ТВ21.
Враќање во минатото?

Ваквиот предлог на ДУИ за „групирање“ по етнички линии на партиите на Албанците доаѓа во период кога за првпат беа срушени повеќе етнички табуа во земјата. На овие избори, за првпат во историјата на самостојна Македонија, имаше предизборна коалиција меѓу условно речено „македонска“ и „албанска“ партија. Тоа се случи со соработката меѓу БЕСА и СДСМ во коалицијата „Можеме“, што пак им донесе стартна позиција за формирање влада со 46 освоени пратеници.

СДСМ беше пионер во надминувањето на концептот на „етнички“ партии и пред изборите во 2016 година, кога партијата се отвори за гласови на Албанците и преку својата програма и преку поставувањето на Албанци на високи партиски а потоа и на државни функции. На локалните избори во 2017 година партијата предложи кандидати за градоначалници Албанци во неколку општини и на некои места успеа и да победи, токму на сметка на ДУИ.

Предлогот на ДУИ, се чини дека има аспирација да ги спречи започнатите прогресивни процеси, каде партиската понуда а не етничкиот предзнак би биле клучни во односот кон гласачите.

Токму ДУИ го прекрши принципот кој го бара

Резултатот од изборите е таков што во моментов практично никој не може да состави мнозинство без ДУИ. Но теоретски, тоа не се исклучено.

Коалицијата „Можеме“ (СДСМ, БЕСА и другите партнери) која има 46 пратеници, пред изборите не посакуваше соработка со ДУИ, но заедно со Алијанса/Алтернатива и ДПА може да стигне само до 59 од потребните 61 пратеници. Двајцата пратеници што недостасуваат звучат малку како бројка, но во случајот се чинат како недостижни бидејќи постојат две невозможни опции да се обезбедат. Едната е во коалицијата да влезе Левица, другата е барем двајца пратеници да го напуштат ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, македонската политика познава и невозможни коалиции и смена на партиски „дресови“.

Така, со „платформа“ која подразбира преговори „победник со победник“, во ДУИ не би морале да се грижат за теоретските комбинации во пресрет на преговорите. Но, ваквото коалицирање во неколку наврати беше проблематизирано бидејќи токму партијата на Ахмети го прекрши принципот.

По изборите во 2016 година, мандатот за формирање на влада го доби ВМРО-ДПМНЕ како партија со најмногу освоени пратеници. ДУИ, во „последна секунда“ одлучи да не коалицира со нив и потоа се договори со „вториот“ – СДСМ.

ДУИ за „платформата“, Алијанса за Албанците на протести

До овој момент, ниту еден од лидерите на партиите на Албанците не се произнел за предлогот на ДУИ. Но изјавите дадени до овој момент не оставаат простор дека е возможен консензус.

Групацијата која освои најмногу гласови на Албанците по ДУИ, коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива, утре ќе протестира против изборниот грабеж, за кого ја обвинуваат токму ДУИ.

Генералниот секретар на партијата и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари во неколку наврати отфрли пазарање со ДУИ по кое било прашање. Саркастично, тврдеше и дека во некои гласачки места имало повеќе гласачи на ДУИ отколку жители, па дури и даде понуда – Алијанса да ги даде сите свои пратеници ако ДУИ се согласи да се отвори барем една гласачка кутија во родното место на Али Ахмети, Зајас.

Back to top button
Close