Османи: Започнат е процес на консултации во ЕУ за францускиот предлог

Започнат е процес на консултации меѓу земјите членки, за да се усогласи став меѓу сите нив во однос на процесот понатаму, по што ќе ги видиме предлозите и заклучоците од тој документ и ние, и доколку имаме забелешки, ќе ги доставиме, изјави шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање околу тоа дека во Брисел протекле делови од  финалниот документ според кој предлог преговарачката рамка ги содржела  Договорите од Преспа и за добрососедство со Бугарија, записници од историските комисии  како и тоа дека опозициската ВМРО ДПМНЕ информирала оти дел од таа рамка бил и Процесот за стабилизација и асоцијација.

„Процесот е почнат. Француското претседателство дава предлози кои ги дистрибуира до сите земји членки. Сите можат да дадат забелешки меѓу кои и Република Бугарија. Атмосверата таму е таква каква што ја знаеме. Не би влегол во коментари на различните предлози. Прво да ги видиме предлозите од другите па ќе се произнесеме и ние. Овие обиди на опозицијата да го стави овој важен процес и многу сензитивен во екстремно сензитивен период, во функција на партиски активности, во најмала рака не е долично. Она што опозицијата може да го направи во интерес на државата е да ни се јави и да ги споделиме со неа информациите што ги имаме.Го имаат мојот телефон. Да им порачам да не се обидуваат ова прашање да го стават во функција на претстојните протести за да донесат некој човек повеќе, изјави министерот Османи.

Имаме канали преку кои и до нас доаѓаат информации за содржината на тој документ, но да почекаме да видиме кои забелешки и предлози ќе произлезат од земјите членки па потоа и ние ќе го видиме тој документ и ќе ги доставиме нашите забелешки, доколку ги имаме. Ако дојде ред да се прифати нешто ние тоа ќе го споделиме со пратениците, вклучително и со опозицијата, рече Османи.

Back to top button
Close