Османли: Социјалната и правната држава на демократскиот социјализам се единствената алтернатива на монолозите на прекумерните профитери

– Современото општество стана жртва на сопствените доктрини. Тоа одлично го има нагласено писателот, уредник и издавач, Глигор Стојковски во својот сугестивен предговор кон нашата книга „Парадоксикон“. Токму тоа општество непрекинато се повикуваше и се повикува на демократскиот дијалог на разликите, и токму нему му се случи приказна за жестокиот пораз на вториот глобален пол. Падот на партискиот монизам доведе до новиот монизам, колосалната осаменост на супер-капитализмот. Во еден период светот потсетуваше на човек од метрополите кој разговара сам со себе. Сега тој лик почна и да се пресметува со себе. Лошо е и за тебе, според старото демократско начело, кога ќе го изгубиш конкурентот и критичарот. Да се разбереме: не жалам јас за реалниот социјализам кој беше жестока изневера на слободољубивите идеали на автентичниот социјализам, кој треба да има алтруистичен, но и нормален човечки лик; жалам за југословенското искуство кое, со сите недостатоци, успеа да се развие во примерен модел кому, при рекапитализацијата, му требаше премин во партиципативниот модел на организацијата на претпријатијата, а бевме на чекор од него – вели писталот Томислав Османли во интервју за Култирен печат.

Успехот на југословенското општество не се мери со нашите носталгии, туку со резултатите на полето на меѓународното и политичкиот углед кој го уживаше таа земја, на успесите во спортот, слободната комуникација на луѓе и идеи, врвните уметничките достигнувања, на елитната, како и на алтернативната, особено на рок-културата. Југословенското самоуправување како идеја, па и како практика го истражуваа социјалдемократски политички авторитети од нордиските и од други земји на светот и од Германија на канцеларот Брант, него го привилегираа марксистичките мислители кои продуктивно дијалогизираа со нашите академци на познатата меѓународна Корчуланска школа, но и најзначајните либерални филозофи на тоа време, како да речеме Жан-Пол Сартр, кој нашиот систем го нарече реализација на неговите филозофски видувања. За жал, тоа општество колабираше под ударите на огромниот надворешен долг, но пред сѐ, зашто не беше подготвено за промените кои кон крајот на 80-тите години на минатиот век дојдоа и наврапито ја сменија политичката и идеолошка мапа на Европа.

Сепак, идејата за социјална правичност живее, не на истокот од светот, туку и како политичка практика и идеи кои јакнат онаму кај што најмалку се очекуваше, на северноамериканскиот континент. Идејата за демократски социјализам, до вчера незамислива во земјата што го преживеа макартизмот како своевиден американски сталинизам, денес е не само легитимна и широко прифатена понуда на прогресивните политички личности, идеолози и уметници: од истакнатиот лингвист и неуморен политички активист Ноам Чомски, до социјалистите Берни Сандерс, Александра Окасио-Кортрес, режисерите Мајкл Мур и Оливер Стоун и многу други истакнати личности на американскиот интелектуален и креативен свет. И не само во Америка… Социјалната и правната држава на демократскиот социјализам – кои кај нас ретко се слушаат и од партијата што номинално ги претставува – се единствената алтернатива на монолозите на прекумерните профитери во ужасниот панаѓур на парадоксите што денес владее насекаде. Останатите две „понуди“ се популизмот и ориенталната деспотија.

Во „Најстари приказни“ се враќате на изворите на човековата цивилизација, на мудростите што се пренесувале од колено на колено. Имате ли чувство дека некаде тој континуитет, свесно или несвесно, е прекинат?

– Мислам дека е прекинат. Што се однесува до митовите, ние, за жал, живееме во најстрашните. Оние најстарите, ги прераскажав за да ги потсетам најмладите и оние што ќе им ги читаат дека оваа цивилизација почива на други морални вредности кои денес се збришани, како во вториот перипетиски, или третиот кулминативен чин на античките трагедии. За разлика од древните митови, во актуелната приказна, домашна или светска, негативците и чудовиштата победуваат со леснотија. Оние што ме познаваат знаат дека не ги сакам негативните емоции и доживувања. Но ова е време на жестоки манипулации и не е време за бајки.

Порано, сѐ до крајот на Седумдесеттите години на минатиот век, по митолошки борби и перипетии, победуваа правдољубивите. И тој пат беше пример за генерациите и за духот и моралот на времето. Од деведесеттите сме сведоци на популистичкиот, сѐ поконзервативен, консумеристички, воено агресивен, хипокритски капитализам, во кој ксенофобијата, драстичните социјални разлики, сексизмот, супрематизмот од секој вид и расизмот се ослободени од Пандорината кутија стуткани таму во епохата на посткомунизмот. Нема веќе светли ликови за идентификација, како Махатма, Тито, Коча Поповиќ, Че, Хо Ши Мин, Мартин Лутер Кинг, Јасер Арафат, Јицхак Рабин… Ова е време на изразити негативци, а приказните се повторуваат како лоши фарси и парадокси.

интервјуто во целост прочитајте го тука

Back to top button
Close