Осомничениот за пукањето во Вашингтон обвинет за убиство од прв степен и напад
Единствениот осомничен за пукањето врз двајца припадници на Националната гарда во Вашингтон минатата недела е обвинет за убиство и напад, соопштија вчера американските обвинители, пренесува ДПА.

На 26 ноември, 20-годишна жена и 24-годишен маж кој служеле во Националната гарда на Западна Вирџинија биле застрелани додека биле на патрола во близина на метро станицата Фарагут Вест, во Вашингтон, недалеку од Белата куќа. Жената следниот ден почина од здобиените повреди, додека мажот е сериозно повреден и се уште е во критична состојба.
Судијата во Вашингтон вчера пронајде „веројатна причина“ дека 29-годишниот осомничен напаѓач „ вооружен ги извршил кривичните дела убиство од прв степен, вооружен напад со намера да убие и по две точки од обвинението за поседување огнено оружје за време на кривично дело насилство“, се наведува во соопштението на Канцеларијата на американскиот обвинител во Вашингтон, пренесува ДПА.
Судијата нареди осомничениот, кој бил повреден за време на пукањето, да биде приведен без кауција до прелиминарното сослушување.
Американските медиуми објавија дека тој се изјаснил за невин додека пред судот се појавил виртуелно од болница, потсетува германската агенција.
Осомничениот е авганистански државјанин кој влегол во САД во 2021 година и живеел во северозападната држава Вашингтон со своето семејство.
Обвинителите рекоа дека тој „отворил оган врз двајца членови на Националната гарда без провокација. Колегите гардисти на местото на настанот веднаш реагирале и го совладале осомничениот“.
Главната обвинителка на САД, Пам Бонди, објави дека ќе бара смртна казна за човекот.
Мотивот за нападот останува непознат, потсетува ДПА.
Американските медиуми објавија дека осомничениот имал проблеми со менталното здравје. Се наведува дека тие се припишуваат на борбите во Авганистан, каде што бил член на единица на авганистанските специјални сили поддржана од американската служба за надворешно разузнавање, ЦИА.






