Оставени сме на својата судбина

Читам вчера дека Албанија, одлучна да стане членка на ЕУ до 2030, го отвора последното поглавје во преговорите. Македонија, на подолг рок, се откажа од трката која никогаш и не беше тоа за македонските политичари. Зашто каква е тоа трка која трае 25 години во расправија со Грците за Александар велики, а сега се повторува за Гоце Делчев со Бугарите. Не признаваме никаква сопствена вина за поставувањето на темелите на македонскиот идентите на културна и историска почва на хеленскиот свет, па оттаму нема никакви научени лекции. Сега, во расправијата за историјата со Бугарија, велиме дека сме сопственици на сета историска вистина и точка.

Зад прогласот на владеачката партија за крај на трпението на вечно онеправданиот македонски народ е бегање од одговорноста да се зафати со решавање на трешкиот идентитетски спор со Бугарија. Иако политичари со пошироко образование би требало да знаат дека немаше и нема ама баш никакви изгледи двете држави да се откажат од овие ликови ( и митови) од нивната историја, ние упорно му „одиме на лавот во устата“. Насместо, со умна политика, да ги заобиколиме нивните национализми кои до ден денес ја негираат нашата нација и јазик и да бараме дијалог со разумните, ние по втор пат веќе, одиме во директен судар со негаторите.

Спорот со Бугарија е несразмерно потежок од оној четвртвековниот со Грција. Грчкиот можеше да се реши со диктат за тоа што смееме а што не смееме како држава и народ и така бидна со Преспанскиот договор, со кој ни се наметнаа услови и ново име. Така е тоа кога се разграничуваат историите меѓу два народи, грчкиот и македонскиот, кои никогаш немале ништо заедничко освен поочвата наречена Македонија, на која живееле. Но како да се разграничат народи кои споделувале дел од заедничкото минато? Тука диктат не помага. Помага само дипломатија и обиди да се разбере позицијата на другата страна.

Нашето актуелно политичко водство го споредува поведението на Бугарија кон Македонија со руското кон Украина. Но, тука завршува споредбата. Русија е автократија која ги казнува своите граѓани со затвор за поинакво мислење кон Украина од официјалното. Бугарија е демократија во која постои плурализам на политички погледи, вклучвајќи ги и оние либералните кои гледаат на нас и на нашиот јазик со почит. Вистина, тие се во огромно малцинство. Всушност, многу е веројатно дека и денес доминантното мислење е она искажано од нивниот прв демократски избран претседател Желев дека иако Бугарите нема што да им кажуваат на Македонците што и кои се, мнозинството во јавноста и во научните кругови мислат дека сепак не сме „вистинска“ нација.

И ние нема да мрнеме кон европските интеграции додека тие не го сменат мислењето? Токму таквата реалност бара поинаков пристап од наша страна, зашто сегашниов кој негира секакво заедничко минато, наспроти историски факти, само го храни бугарскиот национализам.

Либералниот наратив на бугарските интелектуалци со кои сум во дебата, е и светски и европски наратив: македонска нација постои како и македонски јазик, а нивните почетоците се манифестираат во средината на деветнаесеттиот век, па тезата дека сме се „разбудиле“ како Македонци едно утро во 1944 е бесмислена. Тој наратив, на иста линија со оној на Мисирков и на македонскиот историчар Катарџиев, е темелот врз кој треба да ги градиме идните односи со нашите соседи. Тоа е согласноста околу која треба да се обединиме во еден внатрешен дијалог, пред да излеземе надвор пред Европа.

Но, дотогаш ќе поминат многу години, зашто таква трансформација на умот, кој треба да си го пробие патот преку децении официјална антибугарска пропаганда, е колосална.

Ниту новата меѓународна реалност не зборува во прилог на брзо решавање на македонско-бугарскиот споир. Во променетата светска геополитика на конфронтација и соработка на големите сили, малку кој ќе размислува за малите земји освен како монети за поткусурување. Замина времето кога Америка и Европа, со таква жар, сакаа да го вообликуваат светот по својот (демократски) лик.

Во таквиот обид да се интервенира во работите на другите држави со цел нивна демократска трансформација Америка банкротираше, а со идејата „Украина во НАТО“, го доведе светот на работ од нуклеарна војна. Сега, не само што либералните сили внатре во државите се оставени на милост и немилост на своите национализми, туку и политиките на тие држави во меѓународните односи се оставени на својата судбина. Тешко Македонија, е мислата која ми се наметнува. Никој како да не ги забележа зборовите на доскорешниот амбасадор на САД во Србија, и некогашен во Македонија, Кристофер Хил, за променетите времиња. Не се ова веќе деведесеттите кога доаѓавте кај нас за помош во решавање на вашите балкански проблеми. Сега, вели тој, морате самите да си ги решавате сопствените проблеми. Со нашите балкански умови загадени со национализам, супремација, омрази, агресивност, скоро би се опкладил дека македонско-бугарскиот спор ќе го сруши рекордот од 25 години со Грција.Во таквите трки назад во времето, ние од Балканот знаеме да бидеме шампиони. Само да знаеме, подеднакво важен ,а ко не и поважен од чинот на раѓањето на една суверена држава е способноста таа да опстане.

Денко Малески

 

 

 

 

Back to top button
Close