„Остен“ и бедата и мизеријата во нас

Пред 80 години излезе првиот број на хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Непосредно пред тоа, младите партизани, членови на Комунистичката партија на Македонија и на Југославија слегоа од планините во градовите и со пиштоли на појасот го прогласија раѓањето на современата македонска држава. Ги чекаше огромна работа, како кодификација на литературниот јазик и создaвање на институциите на новото општество: политички, економски, правни, културни – секакви. Ракoводени од правилата на една строга комунистичка иделогија која не признаваше поинакво мислење ( „Ко дручије каже, клевече и лаже и нашу осјетиче бес…“, беа зборови од еден популарен марш), овие млади луѓе, го создаваат „Остен“.

“Остен”, како што знаеме или не знаеме, е она шило со кое се тераат волови да одат по правиот пат. На какви волови мислеле членовите на првата редакција кога го прифатиле предлогот на Блаже Конески весникот да се вика токму така? Скоро е непоимливо дека мислеле на политичарит ,кои раководеле со единствената партија и со државата. Да не мислеле на народот во чие име ја земаа власта во антифашистичката борба и социјалистичката револуција?

Како и да е, со време, „Остен“ стана препознатлив по своите критики на раководителите на сите нивоа на нашето македонско општество, но и на поведението на обичниот човек. Сакам да верувам дека со основањето на весник кој ќе ја критикува власта, нејзиниот главен уредник Владо Малески и членовите на првата реадкција на „Остен“, Лазар Мојсов, Блаже Конески, Киро Хаџивасилев, Петре Богданов – Кочко и др. макар потсвесно, разбрале дека животот е поголем од секаква идеологија, па и од комунистичката. Факт кој ќе го потврдат настаните педесетина години подоцна.

Се сеќавам на „Остен“ , вели една госпоѓа со бела пудлица во градскиот парк некни. Не излегува веќе. Одговорив со едно познато клише дека, ете, и „Остен“ ја доживеа судбината на печатените медиуми кои ја изгубија битката со електронските. “Има повеќе од тоа”, ми одговара и прашува:„Зарем не забележувате дека ние веќе не се смееме?“.

Ако по нешто ја паметам генерацијата на мојот татко, тоа беше по смеењето. Шегата беше составен дел на нивното секојдневие, се шегуваа за сè и со сè. Ама, знаеjа да се шегуваат и на своја сметка.

„Друже Андриќу, написао сам књигу од шездесет страница, раскажува татко ми за разговор со идниот нобеловец по литература. Јели то мало или много?“. „Зависи“, му одговорил Иво Андрќ, вели Владо, со громогласно смеење.

Од каде таа радост кај оваа генерација во земја за која еден американски патешественик децении подоцна ја опиша со четири зборови: „Боже, колку бевте сиромашни!“. Ке се обидам да одговорам.

Статистиките велат дека 80 проценти од членството на малата стоилјадна Комунистичка партија на Југославија изгинало во битките кои ги предводеле комунистите од првите редови на фронтовите. Да си жив по завршувањето на Втората светска војна било силен мотив за радост. Да си победник во таа војна, пак, е подеднакво важен елемент за моралот на оваа генерација Макeдонци кои ја создадоа нашата држава. Конечно, нивната радост се гледа и во фактот што една од првите задачи на новата власт била издавање на хумористично сатиричниот весник „Остен“.

Прашањето од каде таа тага кај денешните генерации во држава која, во материјална смисла е „светлосни години“ понапред од бедата и мизеријата во повоените години бара сериозен ама и хумористичен одговор. Како е можно Македонија да биде на врвот на листата на најнесреќни земји во Европа ли беше, во светот ли? Да не е причината во бедата и мизеријата во нас а не околу нас како во 1945? Еве тема за нов број на„Остен“- кој не се печати веќе.

Денко Малески

Back to top button
Close