Осудени лица помагаа во расчистување на градскиот парк во Куманово

Осудените лица од казнено-поправната установа Затвор Куманово (К‘ шање) денеска го расчистуваа стариот градски парк во Куманово. Активноста се спроведува согласно потпишаниот меморандум за соработка меѓу јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ – Куманово и Казнено-поправната установа.

-КПУ Затвор Куманово продолжува со соработката со јавните установи, денеска по претходно склучен меморандум за соработка со ЈП „Чистота и Зеленило“ осудените лица го средуваат паркингот кај градскиот парк. Во иднина ќе продолжиме со вклучување во акциите што ги спроведува јавното претпријатие во насока на расчистување и раззеленување на Куманово. Вклучувањето на осудените лица во вршење на општествено корисна работа е важен сегмент во успешно ресоцијализирање и реинтегрирање на осудени лица во затворски и пост-затворски период, кој исклучително придонесува во развивање на личните и социјалните вештини и го намалува ризикот од повторување на кривично однесување-изјави директорот на затворот, Оливер Цветковски.

Денеска десетина лица беа вклучени во акцијата за уредување на просторот. Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Сашо Томиќ најави дека осудените лица ќе бидат вклучени во расчистување на депонии и одржување на гробишта и паркови.

-Ни помагаат во секојдневните работни активности косење и чистење, изнесување на трева. Планираме такви работни активности од наредниот период, расчистување на одредени депонии кај „Анѓа Ранковиќ“. Во идниот период планираме да вршиме ангажмани и на корисници на социјална помош, во соработка со Центарот за социјална работа-изјави Томиќ.

Од претпријатието се надеваат на поефикасно уредување на градот со ангажман на осудените и на лицата корисници на социјална помош.

Back to top button
Close