Осудувам секаков говор на омраза, навреди и клевети – напиша сопругата на Пендаровски
По серијата осуди и обвинувањата во врска со коментарот што граѓанин присутен на синоќешниот митинг на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во Куманово ги упати кон неговата противкандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, утрово со коментар на социјалните мрежи се огласи и сопругата на актуелниот претседател и кандидат за втор мандат на функцијата, Елизабета Ѓоргиевска.
Претходно наводите на лицето присутно на митингот, за кои од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека е активист на СДСМ, партијата која застана зад кандидатурата на Пендаровски, го осудија повеќемина актуелни и кандидати за идниот состав на парламентот на ВМРО-ДПМНЕ оценувајќи ги како сексистички навреди упатени кон Силјановска-Давкова.
Осуда за ваквиот наратив стигна и од тимот за комуникации од изборниот штаб на Пендаровски, од каде што велат дека коментарот на присутниот на нивниот митинг во Куманово бил недоличен и навредлив.
Сопругата на Пендаровски во кратката објава на социјалните мрежи исто така вели дека осудува секаков вид говор на омраза.
„Осудувам секаков вид говор на омраза, навреди и клевети“,
напиша Ѓоргиевска на нејзините профили на Фејсбук и „Икс“.
Инаку, коментарот кој предизвика лавина реакции од страна на ВМРО-ДПМНЕ, граѓанинот присутен на митингот, го кажа додека поставуваше прашање кон претседателскиот кандидат Пендаровски, како една од формите на комуникација со своите поддржувачи што тој ја практикува при настапите во рамките на неговата изборна кампања.