Осумдневен притвор за петтемина приведени од протестите во Тетово

Судија на претходна постапка од Основен суд Тетово им определи мерка притвор во времетраење од осум дена на петтемина приведени кои учествуваат во протестите во Тетово, пренесува „360 степени“.

Три лица беа приведени вчера, а други две денеска. Тие учествувале во вчерашните протести на кои се бараше одговорност за трагедијата со пожарот во модуларната ковид-болница, а дел од демонстрантите се судрија со полициските службеници.

-Лицата се задржани во полициска станица во Тетово. Тројца се од Тетово, едно лице е од Кичево и едно од тетовското село Вешала. За кусо време ќе биде изготвен поднесок во координација со јавниот обвинител од Тетово – информираа претходно од тетовската полиција.

Во вчерашните протести беа полесно повредени четворица полицајци. Судирите со полицијата настанаа откако дел од демонстрантите се обидоа да стигнат до седиштето на ДУИ, а претходно фрлаа со јајца по општинската зграда.

 

Back to top button
Close