Осумдневен притвор за пироманот што запали две возила пред Бугарската амбасада

Основниот кривичен суд во Скопје му одреди осумдневен притвор на 44-годишниот скопјанец осомничен за палењето на две возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје, за кои подоцна било утврдено дека се во сопственост на дипломатското претставништво.

Од Судот информираа дека мерката е определена по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, а одлуката е донесена во скратена постапка.

Обвинителството вчера соопшти дека против осомничениот е поведена истражна постапка поради основано сомнение дека сторил кривично дело „Предизвикување општа опасност“ согласно Кривичниот законик.

Според досегашните сознанија од истрагата, инцидентот се случил на 15 јуни на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје. Осомничениот најпрво излегол од својот дом, со автобус пристигнал во централното градско подрачје, а потоа на блиска бензинска пумпа купил бензин кој го наполнил во пластично шише.

Потоа се упатил кон двете паркирани дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија, ги полеал со бензин и ги запалил со запалка, по што веднаш го напуштил местото на настанот.

Од Обвинителството посочуваат дека со опожарувањето на возилата била предизвикана значителна опасност за животот и безбедноста на граѓаните, како и за имот од поголеми размери, имајќи предвид дека настанот се случил во центарот на Скопје и во период од денот кога фреквенцијата на луѓе и возила е особено голема.

Како причина за барањето притвор, обвинителите ги навеле тежината и карактерот на кривичното дело, околностите под кои е извршено, како и фактот дека цел на нападот биле две дипломатски возила на странско дипломатско претставништво

Back to top button
Close