Осумнаесетгодишниот син на Блерим Беџети од ДУИ примил 12.000 евра од Комунална хигиена – Скопје за „интелектуални услуги и совети“ за заштита на животната средина

Валон Беџети, 18-годишниот син на пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети, давал совети за заштита на животната средина преку договор склучен со ЈП Комунална хигиена – Скопје за речиси 12.000 евра. Преку овој пример, коалицијата ВЛЕН најави разобличување на криминалната шема прикриена зад коалицијата Данела Арсовска – ДУИ – Левица.
„Ветивме дека ќе ви го покажеме криминалот, денес сме тука со конкретни документи“, објавија од ВЛЕН, и го посочија договорот бр. 57254 склучен на 25.02.2025 година.
Се гледа дека парите ги прима Валон Беџети, син на Блерим Беџети, кој се има потпишано. Предмет – „интелектуални услуги, давање совети за заштита на животната средина”, без јасно дефинирани резултати. Секако, да потсетиме дека човекот на кого ЈП Комунална хигиена му плаќа за совети речиси 12.000 евра (775.000 денари) е осумнаесет годишно дете. Со еден потпис, парите на скопјани завршуваат на сметка на фамилијата Беџети, додека Скопје тоне во ѓубре и нечистотија“, реагираа од ВЛЕН.
Оттаму наведоа дека Јавното претпријатие веднаш издало и фактура бр.73818 за истата сума од 775.000 денари како за „извршени“ услуги, но без доказ дека услугата воопшто е започната, а камоли завршена. Притоа потсетија дека директорот на ЈП Комунална хигиена – Скопје е поставен „од другарката на Блерим Беџети – градоначалничката Данела Арсовска”.
„Фактурата е потпишана од истата посредничка фирма, без доказ дека услугата воопшто е започната а камоли завршена. Рецептот се повторува – втор корисник, близок роднина на директорот на ЈП Комунална хигиена Сабахедин Рустеми. Фактура бр. 73819 која носи ново име: Бесар Саќипи – близок роднина на в.д. директорот на претпријатието, Сабахедин Рустеми. Описот е речиси копи-пејст: „имплементирање нови техники за заштита на животната средина“. Повторно договорени 775.000 денари. Градоначалничке Данела Арсовска, вие лично ги поставивте овие директори, кои знаевте дека се блиски на вашиот другар Блерим Беџети. Денес имате два избора: Прво, да ги разрешите и да поддржите истрага, или да останете соучесници во кражбата од џебот на скопјани“ велат од ВРЕДИ.