Освен Апасиев и Стевчо, сите други се согласни дека ѓаволот ја однесе шегата!

Македонија е демократска држава и во неа секој има право да има каков сака став по сите домашни и меѓународни прашања. Тие можат да бидат и пристрасни и емотивни и навивачки и аполитични и лошо информирани и „обоени“ на секаков друг начин, иако јавниот простор треба да подразбере дека не треба да бидат навредливи и нетолерантни кон другите, кон оние со поинакви мислења од вашите. Нејсе.

Сепак, квалификуваноста на ставовите на „обичните“ граѓани спаѓаат во категоријата „анонимни“, дури и кога и ако се потпишани со вистинско име и презиме, бидејќи изразуваат лични мислења (мнозински, малцински, сеедно). Тие по својата одговорност за изречениот збор не можат да се споредат со ставовите на луѓето кои официјално претставуваат политички, државни, невладини, еснафски или експертски организации и јавни професии од актуелната проблематика за која се изречени. Со други зборови, една е одговорноста на министерот за финансии или на професор од економски факултет кога ја оценува висината на официјалната стапка на инфлација, а друго се потсмешливите или гневни коментари за покачувањето на цената на лебот и колачите во маалската пекара. Се разбираме.

Тоа се однесува и на изречените ставови за војната во Украина. Уште долго ќе „пече“ кафеанската забелешка на „громовникот“ Стевчо Јакимовски по повод руската агресија врз Украина („Кој бира комичар за претседател, ќе јаде гранати за појадок“) што е изречена од претседател на партија, избран за градоначалник со илјадници гласови на локални избори. Не знам за што го гласале граѓаните на Карпош, но не верувам дека го избрале заради ваквите „гастрономски“ коментари со кои се потсмева на маката на милиони Украинци.

 

Во случајот на Димитар Апасиев ситуацијата е поквалификувана, бидејќи неговите национал-социјалистички идеи се добро образложени и познати на македонската политичка сцена, поткрепени со низа претходни ставови полни со антизападна омраза и заложби за сечење раце, глави и други салонски револуционерни закани, купишта вербални фрустрации омилени кај неколкуте десетици илјади негови поддржувачи.

 

На тоа треба да се додадат и еден-двајца отсекогаш маргинализирани локални политички провокатори, припадници на никогаш до крај демонтираните удбашки инсталации во земјава, чија политичка релевантност не досега ни до сите членови на нивните семејства. За помалку упатените, пак, е изненадување некни објавениот став на сопственикот на дневниот весник „Лајм“, Фејзи Хајдари, кој оцени дека „за првпат на албанските простори гледам ‘приклонување’ кон Русија кај медиуми и политичари и во Приштина и во Македонија, додека устите им се полни со ‘Америка, Америка’“. Овој, објективно, необичен феномен ќе треба во некоја наредна прилика подлабоко да се анализира, но ако не се во прашање истите удбашки „корени“ на ваквите албански ставови, ќе треба да е во прашање некоја слична антизападна фрустрација за која на Балканот има доволно и добри и лоши причини (дури) и кај етничките Албанци.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

 

Back to top button
Close