Откако британскиот амбасадор Лосон негираше дека има договор „мигранти во замена за пари“, од СДСМ објавија, како што велат, многу случајности

Од опозицискиот СДСМ во денешното соопштение, со доза на иронија, велат дека му веруваат на премиерот Христијан Мицкоски бидејќи, како што велат, тој е познат по тоа што кога нешто ќе каже го исполнува.

Ова го ставија во контекст на повторната актуелизација на темата за договорот во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти што земјава го потпиша со Велика Британија.

Но, посочија и други примери.

„Како на пример, поништувањето на Преспанскиот договор, враќањето на името, најавената оставка ако се утврди поврзаност со агенцијата за обезбедување од ‘Пулс’ и многу, многу други ‘вистини’. Затоа веруваме дека случајно британските медиуми, меѓу кои и ‘Тајмс’ објавија за што се разговара. Веруваме дека случајност е потегот на ВМРО-ОКГ да донесе декрет во Собранието за да забрани да се зборува за темата. Толку многу веруваме дека е случајно и тоа што ВМРО-ОКГ не прифати да ја потпише резолуцијата на СДСМ со која би се ставила точка на оваа тема. Зошто да се стави точка на темата со резолуција во Собранието? Исто така е случајно што Владата на Мицкоски донесе одлука за нови 10 000 странски работници само во 2026 година, со што ги отвори вратите за т.н. ‘економски работници’“, велат од СДСМ.

Во соопштението СДСМ споменува, како што велат, многу случајности.

„Многу е случајно тоа што власта го смени и Законот за странци, со кој ги олесни условите за доаѓање, престој и работа на ‘економски работници’ во Македонија, ги скрати процедурите, гo продолжи времетраењето на дозволите. Веруваме дека случајно во истиот пакет е и тоа што странски компании отпуштаат македонски работници за да задржат претежно работници од странство. Како да не веруваме кога Мицкоски зборува за кампови и центри, а никој освен него не ги споменува. Тие ќе си бидат сместени нормално, затоа и законите ги променија, тоа се ‘економски работници’. Случајно во Британија се најавува нов модел за доброволно враќање на семејствата што се одбиени баратели на азил со плаќање на 10 000 фунти по лице до максимум 40 000 фунти, како поттик да го напуштат Обединетото Кралство. Веруваме дека сето ова е случајно, не се тоа ‘мигранти’, тоа се ‘економски работници’. Многу веруваме. И граѓаните многу веруваат, Мицкоски“, соопшти СДСМ.

Инаку, вчера британскиот амбасадор Метју Лосон изјави дека едноставно не е вистина дека постои договор меѓу Северна Македонија и Велика Британија за примање мигранти во замена за пари.

Тој во интервју за емисијата „Европат“ на ТВ 24 рече дека идејата британската влада да направи нешто што на македонската влада не би ѝ одговарало е апсолутна невистина и неколкупати потенцираше оти таков договор не постои.

Веднаш по ваквиот настап на амбасадорот Лосон, со објава на Фејсбук се огласи вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој вели дека како меур од сапуница се распрснала, како што напиша, лагата на СДСМ за „мигранти за пари“.

Денеска свој став искажа и премиерот Христијан Мицкоски велејќи дека со изјавата на Лосон паѓа целата конструкција што опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче со месеци се обидувале да ја наметнат во јавноста.

Извор: 360stepeni.mk 

Back to top button
Close